Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер за в недела во Брисел закажа неформална работна средба на шефовите на држави или влади на осум членки на ЕУ посветена на прашањата за миграцијата и доделувањето азил, јави ДПА.

– Закажувам неформална работна средба за в недела во Брисел за прашањата за миграцијата и доделувањето азил со група шефови на држави или влади на членките заинтересирани за изнаоѓање европско решение пред претсојната седница на Европскиот совет, објави Јункер на Твитер.

Според најавата, на средбата ќе учествуваат претставници на Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Малта, Франција и Шпанија.

Цел на средбата, која ќе се одржи четири дена пред Самитот на ЕУ, е да се надминат големите разлики меѓу членките на Унијата околу прашањето за миграцијата, кое дури предизвика опасност и од распад на владината коалиција во Германија.

Германската канцеларка Ангела Меркел се соочува со незадоволство на најмалиот партнер во нејзината Влада, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ), која и даде рок од 10 дена за постигнување европски договор за ограничување на миграцијата, за што членките на ЕУ не успеваат да се договрат веќе со години.

Германскиот весник „Билд“ наведува дека се очекува на средбата в недела во Брисел, Германија да достави компромисно предлог-решение за утврдување заедничка европска политика за миграцијата.

Како што јави МИА, австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека постои опасност од натамошно заострување на мигрантската криза, поради спорот околу политиката за давање азил во Германија.

Курц нагласи дека Австрија се подготува за враќање на мигрантите од границата на Германија, мерка за која се залага германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.

– Мораме да бидеме подготвени на зајакнување на националните контроли на гранците во Европа, започнувајќи од Германија, истакна Курц.

Австрискиот канцелер потенцира дека не сака да се меша во внатрешната дебата во Германија во врска со миграцијата, но сепак упати критики за политиката кон мигрантите на Меркел.

– Оние кои во 2015 година ги отворија границите (за мигрантите) се виновниците поради кои денес постојат гранични контроли меѓу Австрија и Баварија, Унгарија и Австрија и Италија и Австрија и затоа што ситуацијата може и да се влоши, порача Курц.

Според него, единствена добра работа во целата оваа расправа во Германија е тоа што таа поттикнала „нова динамика на европско ниво, па сега постои поголема шанса нешто да се придвижи во ЕУ“.

– Сакаме единствен став со Германија и заедничко дејствување. Морам да нагласам дека е поптребна оваа дискусија за решавање на мигрантското прашање. Не може да се премолочува дека и натаму преголем број луѓе се движат кон централна Европа, истакна Курц, додавајќи дека не може да се чека да се повтори „катастрофата“ од 2015 година, кога во централна Европа преку Балканот пристигнаа над еден милион мигранти.