Афроамериканецот Рони Лонг од американската сојузна држава Северна Каролина поминал 44 години од неговиот живот во затвор за злосторство кое не го сторил. Откако бил пуштен на слобода, судот решил да му додели отштета во вредност од 750.000 долари. Тој смета дека загубените години од неговиот живот вредат многу повеќе, пренесува „Си-ен-ен“.

Лонг бил обвинет за силување во 1976 година. Поротата, составена само од белци, го прогласила за виновен за силување и провала, осудувајќи го на доживотен затвор. Лонг бил помилуван од гувернерот на Северна Каролина во декември минатата година, откако судот утврдил дека е погрешно осуден.

– Иако Лонг е благодарен за компензацијата од 750.000 долари, износот е несоодветен за да му се надомести загубата од 44 години од неговиот живот. Лонг беше во затвор кога неговите родителите починаа, кога неговиот син славеше родендени. Тој изгуби сè за тие 44 години и заслужува повеќе – изјави за „Си-ен-ен“ Џејми Лау, адвокатот на Лонг.

Поради неговата невиност, државниот закон наложува 65-годишниот Лонг да биде компензиран за времето што го поминал во затвор, односно со 50.000 долари годишно. Сепак, сумата е ограничена на 750.000 долари. Во случајот на Лонг, тоа значи дека тој нема да добие ништо за преостанатите 29 години поминати зад решетки.

– Како можат да кажат дека мојот живот вреди само 750.000 долари – изјави Лонг, кој вели дека ќе се бори за правда.

Адвокатот Лау се согласува дека законот треба повторно да се разгледа, бидејќи Лонг не е единствениот што поминач низ ваков пекол.

– Најмалку двајца мажи се ослободени од обвинението по повеќе од 44 години затвор, што ја нагласува несоодветноста на статутот за надомест. Време е да се преиспита статутот за надомест на штета, бидејќи гувернерите не треба да имаат целосна надлежност за тоа кој и колку надомест добива. Треба да се воспостави процес на ревизија што не е политички, со што сите кои биле погрешно осудени би имале фер шанса за компензација – објаснува Лау.

Лонг по неговото ослободување изјавил дека најпосле живее и е среќен што има луѓе кои му помагаат. Тој по излегувањето од затвор купил автомобил, а исто така со неговата сопруга планираат да купат нов дом.