Според новите податоци, Британците се позагрижени за климатската криза отколку за економијата, криминалот или имигрантите, пренесува „Гардијан“.

Јавната загриженост за климатските промени во Велика Британија се искачи на рекордно ниво по посетата на активистката Грета Тунберг во парламентот и по протестите за климатските промени кои беа одржани во април.

Според Британците, животната околина сега е на третото место како најважен проблем во Велика Британија. Животната средина е на трето место, веднаш зад проблемите за брегзит и здравството.

Сличен став имаат и во Германија, каде што Партијата на зелените доби добри резултати на изборите за Европскиот парламент минатиот месец.

Бројот на зелените членови на Европскиот парламент се зголеми за 40 отсто, а со тоа станаа четврта најголема групација во Европската Унија. Во Велика Британија, бројката на зелените членови во европскиот парламент се зголеми од три на седум, а партијата доби повеќе поддршка од конзервативците.

– Активната употреба на фосилни горива е повеќе од апсурдна. Ова неодговорно однесување без сомнение ќе биде запаметено како еден од најголемите неуспеси во историјата на човештвото – изјави Тунберг.

Тунберг, младата тинејџерка од Шведска која се бори за подобра еколошка средина, беше појдовната точка која предизвика глобално движење за итноста на проблемите со кои се соочуваат многу земји, но ретко преземаат нешто за тоа да се подобри.

– Речиси повеќе од половина од младите во Велика Британија ја ставаат животната средина меѓу нивните врвни грижи. Тие гледаат како владата носи одлуки, но не делува онаму каде што е потребно и не ги земаат предвид проблемите за животната средина- изјави Џонатан Бартли од Партијата на зелените.