Европската еколошка агенција (ЕЕА) предупредува дека загадувањето на воздухот секоја година во Европа предизвикува речиси 500.000 случаи на прерана смрт. Изложувањето на т.н. ПМ-честички го намалува очекуваното траење на животот на секој Европеец за една година, и тоа најмногу поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни и респираторни болести, како и поради рак на белите дробови

Дури 90 отсто од луѓето во светот секој ден дишат загаден воздух, од кој годишно умираат милиони лица. Најновото истражување на Светската здравствена организација (СЗО) покажува дека 91 отсто светската популација живее во места каде што квалитетот на воздухот е под дозволената граница. Податоците говорат дека загадувањето на воздухот е директна причина за околу седум милиони смртни случаи годишно, од кои најголем дел се регистрирани во Азија и во Африка.
СЗО предупредува дека загадениот воздух е причина за 25 отсто од срцевите заболувања, 24 проценти од мозочните удари, како и за 43 отсто од респираторните заболувања и рак на белите дробови. Најзагадените градови се регистрирани во Индија и во Кина, но и Европејците страдаат од овој феномен. Според Европската еколошка агенција (ЕЕА), загадувањето на воздухот секоја година во Европа предизвикува речиси 500.000 случаи на прерана смрт. Изложувањето на т.н. ПМ-честички го намалува очекуваното траење на животот на секој Европеец за една година, и тоа најмногу поради зголемениот ризик од кардиоваскуларни и респираторни болести, како и поради рак на белите дробови. СЗО оценува дека ако загадувањето на воздухот во Европа се доведе во нормални граници, тогаш луѓето ќе живеат подолго, а во некои земји дури и за две години.

Околу 40 милиони жители на 115-те најголеми градови во Европската Унија се изложени на воздух, загаден од најмалку еден загадувач. Најризична демографска група се децата, а живеењето во близината на многу фреквентни патишта двојно ги зголемува респираторните проблеми. Покрај тоа, изложеноста на загаден воздух во текот на бременоста е поврзано со мала тежина при раѓањето, како и со предвремени пораѓања.

Џонатан Григ, професор по педијатриска респираторика при лондонскиот универзитет „Квин Мери“, предупредува дека загадувањето на воздухот само дополнително ќе ја влоши ситуацијата на веќе ранливите лица.

– Загадувањето на воздухот ќе го забрза намалувањето на функционирањето на белите дробови кај лицата што веќе имаат респираторни проблеми, а особено кај децата. Сметаме дека загадениот воздух е причина за 20.000 до 40.000 случаи на прерана смрт годишно во Британија – додава Григ.

Организацијата „Јуропиан ланг фондејшн“ (ЕЛФ) наведува дека загадувањето на воздухот може да биде исто опасно како и пушењето цигари, а живеењето покрај фреквентни патишта го носи истиот ризик како и пасивното пушење по десет цигари на ден.

И додека околу 4,2 милиони смртни случаи во светот се резултат на изложеност на надворешно загадување на воздухот, речиси 3,8 милиони смртни случаи годишно се предизвикани од изложеност на домот на чад од валкани шпорети и гориво. Според СЗО, над три милијарди лица во светот секој ден дишат нечист воздух во нивните домови.


Македонија најзагадена земја во Европа

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека Македонија е најзагадена европска држава, при што нивоата на ПМ 10 честички се над дозволеното во повеќе македонски градови. Најзагадена урбана област во цела Европа е Тетово, а Скопје се наоѓа на второто место на листата на СЗО за најзагадени европски градови.
Според статистиките на СЗО, Источна Европа, а особено балканските земји, се смета за најзагаден регион на континентот. Источноевропските индустрии, како што е копањето јаглен, значително придонесуваат за високото ниво на загадување на воздухот. Покрај тоа, неефикасните, постари автомобили на патиштата го интензивираат еколошкиот проблем за Источна Европа.