Извештај на Европската агенција за животна средина

Загадувањето на воздухот, кое најчесто доаѓа од индустријата, на годишно ниво предизвикува штети од стотици милијарди евра во земјите-членки на ЕУ. Ова меѓу другото го пишува бриселскиот магазин „Еуроактив“, кој повикувајќи се на податоците на Европската агенција за животна средина наведува дека штетите по животната средина и здравјето на луѓето од загадениот воздух на годишно ниво изнесуваат 277 и 433 милијарди евра во Унијата.
Ваквите штети се еднакви на два-три проценти од вкупниот бруто-домашен производ на ЕУ, при што Европската агенција за животна средина појаснува дека, и покрај значителниот напредок на индустријата во намалувањето на влијанието врз животната средина и климата, штетите на општествено ниво предизвикани од загадувањето на воздухот остануваат високи.
Во извештајот на Европската агенција за животна средина посебна вредност изразена во евра им е дадена на сите болести што ги предизвикува загадувањето на воздухот, смртта на жителите како последица од болестите, но и уништувањето на еколошките системи, земјоделските посеви и други штети што произлегуваат од загадувањето.