Во Чешка заврши гласањето за избор на една третина од членовите на Горниот дом на Парламентот, Сенатот и на органите на локалната самоуправа, кое почна вчера.

Според податоци на телевизијата ЧТ-24, гласале 40 проценти од избирачите, помалку од предходните избори во 2014 година кога изборната активност била 44,46 проценти.

Првите резултатите се очекуваат утре, а официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.

Околку 8,4 милиони Чеси со право на глас вчера од 14 до 20 часот и денеска од 8 до 14 часот избираа 27 од 81-член на Сенатот.

Во трката за сенаторските места се вкупно 236 кандидати предложени од политички партии и движења.

Согласно чешкиот Устав, на секои две години се одржуваат избори за по една третина од членовите на Сенатот.

Во исто време, се одржаа и локални избори на кои за места во органите за локалната власт се бореа околу 216.000 кандидати, што е за 17.000 помалку во однос на претходните избори.

На локалните избори, покрај чешките државјани, право на глас имаа и граѓаните на земјите членки на ЕУ со постојано место на живеење во Чешка.