По викендот изминат во најразлични активности од забавен карактер, како што се играње голф, гледање сумо-борење и вечера со традиционална јапонска храна, американскиот претседател Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинѕо Абе започнаа со формални разговори, за кои се смета дека главна тема ќе бидат тензиите со Северна Кореја и трговијата.

Двајцата лидери одиграа една партија голф на терени близу Токио, пред Трамп да го презентира Претседателскиот Куп на победникот на летниот сумо-борачки турнир. Дел од медиумите ја окарактеризираа посетата на Трамп на турнирот како дел од „сумо-дипломатијата“ на американскиот претседател.

Сепак, денес започнува формалниот дел од четиридневната посета на претседателот на САД во Јапонија и Трамп станува првиот странски лидер кој ќе го поседи новиот цар Нарухито, кој го презема императорскиот трон пред три недели, по историската абдикација на неговиот татко.

Американскиот претседател има две главни прашања на агендата за кои ќе зборува со неговите сојузници, трговијата и заканите од Северна Кореја по неуспешниот самит во Ханој меѓу него и лидерот на Севернокорејците, Ким Јонг-ун.

Само еден час по пристигнувањето во Токио, Трамп зборуваше за неурамнотежноста во трговската размена помеѓу САД и Јапонија, кои ги имаат првата и третата најсилна во светот, и вети дека меѓусебниот однос ќе биде пофер по договорот.

Трамп потоа појасни дека поголемиот дел од договорот меѓу двете земји ќе почека се додека не завршат изборите во горниот Дом на Парламентот во Јапонија, во време кога се шпекулира дека популарниот премиер Абе заедно со овие, ќе распише и предвремени парламентарни избори.

Американските и јапонските преговарачи за трговија минаа повеќе од два часа преговарајќи вчеравечер, но не успеаја да најдат заеднички јазик, откако јапонската страна кажа дека треба да има само разбирање меѓу двете страни.

Во однос на Северна Кореја, Трамп изгледа како да го поткопа сопствениот советник за безбедност, воинствениот Џон Болтон, намалувајќи ја важноста на двете неодамнешни тестирања од страна на Ким, кои ги зголемија тензиите во регионот.

– Северна Кореја истрела неколку мали оружја, кои вознемирија некои од моите луѓе и други но не и мене. Самоуверен сум дека Ким ќе ги одржи ветувањата – напиша Трамп на Твитер.

Пред пристигнувањето на Трамп во Токио, Болтон констатираше дека без сомниение Северна Кореја ги прекршила резолуциите на безбедносниот Совет на Обединетите нации.