Бил Козби (81) ќе има последна прилика за да го изнесе својот случај пред судот во Пенсилванија, во пресрет на изрекувањето на неговата казна по три точки од обвинението за сексуален напад, пренесува Си-ен-ен. 

Обвинителството побара казна од пет до 10 години затвор за сексуалниот напад врз Андреа Констанд од 2004 година, истакнувајќи дека славниот актер не покажал каење за неговите дела. Одбраната, пак, побара Козби да биде осуден на домашен притвор поради неговата старост и слабиот вид.

Судијата Стивен О’Нил ги спои трите точки во едно обвинение, со што би можел да изрече казна од 22 до 36 месеци затвор, според законите на сојузната држава Пенсилванија. На казната би можеле да се додадат или одземат 12 месеци во зависност од околностите во случајот.

Експерт на обвинителството го оквалификува Козби како „насилен сексуален предатор“, а пред судот се обратија Андреа Констанд, како и нејзините родители и сестра.

– Помислата на тоа што и се случи на мојата ќерка… засекогаш ќе остане со мене, како темен облак над мојата глава – кажа Ендрју Констанд, таткото на Андреа.

Актерот не сведочеше, а ретко го коментираше случајот откако беше осуден во април. Тој одби да признае вина за обвиненијата. Неговата сопруга Камил Козби даде изјава на судењето. Повеќе од жртвите на сексуалните напади на Козби беа присутни во судницата, вклучувајќи го и поранешниот супермодел Џенис Дикинсон.

Се очекува судијата да ја изрече казната на Козби во текот на денешниот ден.

Повеќе од 60 жени го обвинија Козби за сексуален напад, но комичарот познат под прекарот „таткото на Америка“ би можел да заврши зад решетки поради единечен случај. Козби беше осуден во април, по три точки од обвинението за сексуален напад врз Констанд. Тој оттогаш беше во домашен притвор.