Многумина во Европа ја претставија убедливата победа на Емануел Макрон на француските претседателски избори, како „нова зора“, во која Стариот континент доби нов лидер кој ќе го избави од проблемите и од превирањата. Младиот политичар најави „европска ренесанса“, имаше борбен поклик (напред) и визија за обнова на „европската куќа“, како и за издигнување на духот на братство. Конечно дојде утрото, за потоа да се увиди непријатната реалност, пренесува европското издание на магазинот „Политико“.

Изминатите неколку дена ги илустрираа остатоците од визијата на Макрон, кој оствари малку од ветеното, без разлика дали станува збор за даноците за горивата или за реформите во еврозоната. 

– Тој не е вистинскиот Европеец, како што сакаше да поверуваме – вели Јан Текау, директорот на фондот „Герман Маршал“ (ГМФ).

Причините за пропаста на револуцијата на Макрон се забележуваат во Франција, но и надвор од државата. Беше извесно дека Макрон треба да ја реформира Франција, пред да ја спроведе европската агенда. А воведувањето реформи поради растечките економски проблеми, не им успеа ниту на неговите претходници Никола Сакрози и Франсоа Оланд.

Макрон не ја придоби Германија за остварување на неговите цели, а протестите на „жолтите елеци“ го нарушија неговиот кредибилитет. Лидер со поддршка од околу 20 отсто во сопствената држава не може да заговара промени во европската политика. А не така одамна, се сметаше дека Макрон би можел да ја наследи германската канцеларка Ангела Меркел, како де факто лидер на ЕУ.