Членовите на француското протестно движење „жолти елеци“ денеска ги болкираа наплатните рампи на автопатите во Франција, предизвикувајќи застои и хаос по патишта во пресрет на божиќните празници.

Француските медиуми јавија дека на некои места демонстрантите други и ги запалиле наплатните пунктови.

Најголемиот концесионер на француските автопатишта „Винчи“ соопшти дека „жолтите елеци“ протестираат на околу 40 наплатни рампи.

Најновите протести следат по најавата на „Винчи“ дека ќе им испрати фактури на сите возачи кои поминале низ отворените наплатни рампи без да платат патарина за време на протестите на „жолтите елеци“.

Во меѓувреме, француската Влада соопшти дека ќе им исплати по 300 евра бонус на околу 111.000 полицајци, кои се ангажиреани во обезбедувањето на протестите на „жолтите елеци“.

Според најавите, ваквата одлука ќе ја чини Франција 33 милиони евра.

Меѓутоа, полициските синдикати не се задоволни со ваквата одлука и бараат државата да инвестира во реформа на полицијата и на полицајците да им бидат исплатени надоместоците за прекувремена работа, кои не им биле исплаќани изминативе години.

Синдикатот Алианс ги повика полицајците утре да останат во полициските станици и да интервенираат само во случај на „итни предупредувања“.