Движењето „жолти елеци“ и овој викенд продолжува со протестите против зголемувањето на цените за живеење и политиките на претседателот Емануел Макрон, јавува Би-би-си. Тие оваа недела фокусот на протестите го насочија кон полициската бруталност и нивното користење на гумени куршуми со голема величина.

На протестите кои започнаа во ноември минатата година се повредени голем број на демонстранти, а неколку од нив го загубија и видот. Судот во Франција вчера одлучи дека на полицијата и е дозволено да продолжи да ги користи овие гумени куршуми поради зголемената можност за насилство на демонстрациите.

Неколку мирни протести завршија со насилство, а околку 1,000 припадници на полицијата беа повредени. Регистрирани се најмалку 10 смртни случаи на протестите на „жолтите елеци“.

Користењето на гумените куршуми отвори многу полемики во јавноста во Франција, а последиците од нив беа забележани на неколку демонстранти кои беа сериозно повредени. Би-би-си појаснува дека пушката „ЛДБ40“ која ги испукува гумените куршуми е опишана како „несмртоносно“ оружје и не е наменета да ги повреди луѓето, но 40-милиметарските гумени куршуми кои се движат со брзина од 100 метри во секунда претставуваат вистинска закана по здравјето на демонстрантите.

Со вакво „несмртоносно“ оружје се обезбедуваат протести во повеќе земји од ЕУ, а минатиот месец Европскиот суд за човекови права одби да ги забрани за користење.

Кои се „жолтите елеци“?

Движењето започна на социјалните мрежи и зад нив не стои еден лидер или организација. Првите протести на „жолтите елеци“ беа на 17 ноември минатата година, кога голем број на луѓе излегоа на улиците на Франција да демонстрираат против наглото зголемување на цените на горивата.

Од почетокот на првите демонстрации, барањата на „жолтите елеци“ се променија и тие побараа од Макрон зоглемување на куповната моќ на обичните граѓани и дозволување на референдуми. Според Би-би-си, голем дел од учесниците на протестите се граѓани од ниска и средна класа, како работници во фабрики, самовработени лица или пензионери.