Жаклин Муро спаѓа во главните и умерени учесници во протестното движење „жолти елеци“ во Франција, а нејзнината нова партија би требало да излезе на локалните избори во 2020 година.

Муро за весникот „Фигаро“ изјави дека нејзината цел е на Французите да им се понуди уште една опција, така што нејзиното движење ќе се разликува од традиционалните политички движења.

Работното име на движењето е „Лес Емержон“ (Les Émergents), израз кој тешко се преведува, а ги означува оние кои се стремат, се појавуваат одеднаш, надоаѓаат, пренесува Дојче Веле.

Муро (51) вели дека се е на самиот почеток, дека статутот не е готов, но оти се би требало да се заврши што побрзо, и оти следната година новата политичка формација би требало да излезе на локалните избори.

Муро стана позната кога во една видео порака ги повика Французите да земат жолт елек и да го стават зад шофершајбната, за да изразат протест против зголемувањето на цените на бензинот и воведувањето еколошки данок.

На социјалните мрежи нејзиното видео е прегледано шест милиони пати.

Таа е од Бретања и спаѓа во умереното крило на жолтите елеци. Повеќе пати повикуваше на воздржаност од насилство и на преговори со Владата.