Во тимот за деминирање на Хана Кидер има поранешни заробенички на ИД

Исламската држава постави мини низ областа Синџар во Ирак, раселувајќи ја заедницата Језиди. Сега група жени го расчистува патот за враќањето на нивниот народ

Зад Хана Кидер се наоѓа голема ѕидна мапа на која минските полиња што ги расчистува нејзиниот тим се обележани со зелена боја, пренесува „Гардијан“.

– Ова е местото каде што Језидите живеат заедно. Тука го поминав детството. Тука имам многу спомени и местото е многу важно за мене – вели дваесет и осумгодишната Кидер.

Тоа место е Синџар, на северозападната граница на Ирак со Сирија.

– Оваа работа е важна за мене бидејќи чувствувам дека правам нешто добро за моето семејство, за мојата заедница и за луѓето кои беа раселени од Синџар. Со отстранувањето на мините, јас им помагам еден ден можеби да се вратат – објаснува храбрата девојка.

Во август 2014 година ИД го окупираше овој регион. Терористичката група уби околу пет илјади Језиди, киднапираше и пороби шест илијади жени и деца и предизвика раселување на заедницата што живееше во градовите и селата во подножјето на планината Синџар, која со векови е света за Језидите.

– Претходно имавме нормален живот. Луѓето среќно живееја. Но, по геноцидот во 2014 година, се се смени. Веќе не сме безбедни – вели Кидер.

Пред ИД да биде истисната од Синџар во 2017 година, таа постави стотици илјади мини и експлозивни направи во домовите, зградите и на полињата. Терористите ги произведуваа во индустриски размери, а користеа и куќни предмети за импровизирани експлозивни направи.

Кидер е бестрашна и покрај опасностите во нејзиното занимање.

– Имам самодоверба во себе и знам дека постапувам исправно – вели таа.

Тимот на Кидер е составен од жени кои беа во заробеништво во ИД и кои загубија членови на семејствата.

– Тие ја извршуваат оваа работа која претходно ја работеа само мажи, и тоа им дава самодоверба. Тие прават нешто добро за нивната заедница и семејство, и зависат сами од себе, финансиски како и на други начини – посочи Кидер, која беше промовирана и во водач на поголем тим во кој има и мажи.

Од 2016 година, таа и нејзините колеги расчистија повеќе од 27 илјади мини во областите ослободени од ИД.

Приказната на Кидер го привлече и вниманието на режисерот оскаровец Орландо фон Ајнсидел, чиј нов документарец „Во огнот“ ја прикажува неверојатната издрживост на оние кои ги преживеаја ѕверствата на ИД и кои сега ги обновуваат животите.

Големото количество на поставени мини е една од причините поради кои само околу една четвртина од населението се врати во Синџир, три години по ослободувањето од ИД. Речиси 300 илјади Језиди уште живеат во бегалски кампови со шатори и импровизирани засолништва во регионот ирачки Курдистан што е во близина.

Синџар се соочува со дополнителни проблеми бидејќи спаѓа во „спорните територии“ врз кои полагаат право и ирачката централна влада и регионалната влада на Курдистан. А политичките тензии што поттикнуваат конфликт ги оставаат малцинствата меѓу кои се и Језидите во ранлива положба. Згора, бројни локални милиции имаат амбиции да оперираат во областа, со што ги спречуваат жителите да се вратат.

Хана Кидер