Светот на организираниот криминал традиционално им припаѓа на мажите, додека жените се на маргините во таинствените заедници на мафијата. Но, постојат познати случаи во Италија каде што ќерки пренесуваа тајни пораки до нивните затворени татковци, или кога вдовиците собираа пари во име на нивните убиени сопрузи, а мајките ги криеја оружјата со кои се извршени убиства, пишува „Дејли бист“.

Денешните жени на мафијата имаат поинаква улога, соработувајќи со полицијата против сопрузите, со цел да ги заштитат нивните деца од вовлекување во криминалните активности. Токму таков е случајот со апсењата на мафијата во Рим, кои се случија неделава.

Двесте и педесет припадници на специјалните полициски сили, завчера извршија серија акции во главниот град на Италија, насочени против кланот Казамоника, кој е поврзан со најновото здружение на организираниот криминал наречено „Мафија капитале“. Мафијата на главниот град успешно се инфилтрираше во градските власти на Рим во последната деценија, водејќи бизнис вреден 90 милиони евра годишно, според италијанската полиција.

Антимафијашкиот одред на полицијата неделава издаде налози за апсење на 37 лица, поради соработка со мафијата, трговија со дрога, изнуда и други криминални активности. Шестмина од осомничените се во бегство. Полицијата конфискуваше повеќе од 50 илјади евра, 24 автомобили, 15 часовници „Ролекс“, и документи во кои е водена евиденција за лихварските услуги на мафијата, според кои познати јавни личности и политичари ги враќале заемите со камата од 1.000 отсто. Запленети се и популарен ресторан и ноќен клуб, а затворени се и салон за убавина и сала за вежбање.

Акциите се изведени со помошта на група жени, кои се во програмата за полициска заштита. Полицијата ги идентификувала дамите на погребот на водачот на семејството Виторио Казамоника, минатото лето.

Еден од водечките луѓе во истрагата Гаспаре Стурцо им кажал на медиумите дека една од жените собирала докази против семејството Казамоника, пред да успее да избега од мафијашите. Гангстерите, претходно, ја чувале затворена во вила во Рим, поради нивните сомневања дека би можела да сведочи против мафијата. Таа поминала 40 дена во криење пред да се обрати до полицијата.

Главниот италијански обвинител против мафијата Џузепе Говернале истакна дека апсењата се само почеток и дека разоткривањето на кланот Казамоника може да доведе до уште апсења и до нови истраги.