Кери Лам

Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, за време на прес-конференција изјави дека на другите земји „не им е местото“ да се мешаат во нивната територија, откако таа цврсто го бранеше законот за национална безбедност кој планира да го изгласа Кина, пренесува „Гардијан“. 

Според законот, ќе бидат забранети предавството, протестите и бунтот против властите. Многумина го критикуваа законот дека ги ограничува слободите на граѓаните. 

Според јавните коментари на Лам, таа рече дека тоа е „одговорен“ потег за да се заштити мнозинството во градот кое го почитува законот. Таа не смета дека законот ќе ги ограничи правата и слободите. 

Овие права, утврдени со Основниот закон, кој е еден вид на мини-устав на Хонгконг беа воспоставени откако Велика Британија го врати Хонгконг под управителство на Кина во 1997 година. Основниот закон гарантира одредени слободи на територијата, како што е правото на протест, кое не постојат во внатрешноста на Кина. За време на викендов имаше нов бран на демонстрации во градот.

Станува збор за нацрт-закон, кој ќе биде доставен за гласање оваа недела. Откако тој ќе се изгласа, предлогот ќе стапи на сила до крајот на јуни. По неговот објавување, законот беше интернационално критикуван, но во нејзината неделна прес-конференција Лам рече дека другите земји немаат „место за мешање во овој договор“.

– Ниедна една земја не би толерирала недостатоци и неправилности на законодавството за национална безбедност. Како дел од Кина, и Хонгконг не е исклучок – изјави Лам. 

Предложениот закон според критичарите е директен обид за ограничување на уникатните слободи кои ги ужива Хонгконг.

Лам смета дека предлог-законот ќе цели само мала група луѓе кои се вклучени во терористички напади и демонстрации, како и дека секој што е загрижен за истиот треба да биде трпелив, додека да бидат објавени целосните детали. 

– Слободата и основните човекови вредности ќе продолжат да бидат тука, но правата и слободите не се апсолутни. Законот ќе го подобри статусот на Хонгконг како глобален финансиски центар, наместо да го оштети – изјави Лам, нарекувајќи ги овие стравови „тотално неосновани“.

Лидерката на Хонгконг е позната по цврстиот начин на владеење и лојалноста кон кинескиот претседател Си Џинпинг, од кого ја усвои политиката за „нулта толеранција за независност“. Поранешната британска колонија од 1997 година стана „специјален административен регион“ каде што граѓанските слободи се заштитени со спогодбата „една држава, два системи“.

И покрај уверувањата на Лам дека законот имал „позитивен одѕив“, веќе има повици за повеќе протести и никој не знае колку тие би можеле да бидат масовни. 

– Кинеската војска е подготвена да го „брани“ кинескиот суверенитет во Хонгконг – изјави командантот на градскиот гарнизон.

Во градот постои зголемен гнев кон плановите на Пекинг да го заобиколи законодавниот дом на Хонгконг и да воведе закони за национална безбедност во Хонгконг. Ваквата изјава доаѓа пред протестите кои се подготвуваат да отпочнат во среда кога законодавниот дом започнува расправа за контроверзен закон кој ќе го криминализира секој потсмевот на кинеската национална химна.