Жариштето од ураганот Флоренс денеска пристигна до копното во близина на градот Рајтсвил во сојузната држава Северна Каролина, соопшти Американскиот центар за набљудување на ураганите.  

Флоренс останува ураган од прва категорија, со брзина на ветрот во жариштето од 150 километри на час.

Метролозите нагласуваат дека најсериозна опасност од ураганот претставува количеството на врнежи, а не јачината на ветрот, па се очекува дождот да предизвика катастрофални поплави.

Националниот центар за урагани во Мајами предупредува дека Флоренс ќе донесе големи поплави во поголемиот дел на крајбрежјето на Северна Каролина.

Најмалку 70 лица беа спасени од еден хотел во Северна Каролина, загрозен од ураганот. Тие се преместени во засолниште и никој не е повреден, соопштија официјални лица од градот Џексонвил.

Компанијата „Дјул енерџи“ проценува дека и до три милиони домови ќе останат без струја.

Флоренс, чиј пречник во моментов изнесува 400 километри, ќе ги погоди подрачјата на кои живеат околу 11 милиони Американци.

Досега се откажани околу 1.200 авионски летови, а експертите проценуваат економска штета од 10 до 60 милијарди долари.

Во Северна и Јужна Каролина во моментов се наоѓаат припадници на брзата помош од Калифорнија, Флорида и државите од подрачјето на Нова Англија, кои се подготвени да влезат во погодените подрачја кога условите го дозволуваат тоа. 

Ураганот вчера подзастана, откако неколку дена се движеше директно кон атланскиот брег на САД, и загуби дел од својата моќ, но се уште се смета како бура од прва категорија, која може да предизвика сериозни поплави и да однесе човечки жртви.

Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер, нареди евакуација на илјадници жители од најизложените крајбрежни подрачја.