Наместо збогум од македонска гледна точка, специјално за „Нова Македонија“ пишува Јордан Плевнеш

Меѓу илјадниците почитувачи на Жак Ширак (1932-2019), најсаканиот претседател во историјата на француската република заедно со генералот Шарл де Гол, што овие денови масовно поминуваа за да се запишат во книгата на жалоста во Елисејската палата, на популарниот собир на Плоштадот на инвалидите и во катедралната црква „Сен Сулпис“, имаше претставници од сите етнички и духовни заедници од сите континенти и култури. Претседателот Жак Ширак беше познат како универзалист, што со еднаква љубов ги внесуваше во француската културна реалност и големите имиња на руската литература и вредностите на јапонската меморија, и големите имиња на кинеското сликарство, и посебно на африканската примитивна уметност, за да докаже дека западната цивилизација може да учи од сите овие форми на Вечноста што ја обележува светската уметничка стварност.

Имаше и голем број претставници на македонската заедница во Франција од повеќе генерации. Како што е познато, од времето на Балканските војни и Првата светска војна до денес, поголем број, во различни бранови на македонската емиграција стануваат дел на француската социјална и општествена реалност не само во Париз, туку и во сите поголеми француски градови како што се Марсеј, Лион, Лил, Руан, Нант и други. Еден мал куриозитет за кој пишуваше и професорот Божидар Настев во неговата книга „Македонија во делата на француските писатели“ и го раскажуваше легендарниот астрофизичар Паскал Сотировски, кој целиот свој век го помина како специјалист за животот и смртта на Сонцето, еден од најпознатите квартови во срцето на Париз сѐ уште се вика Ла петит Маседоан (La petite Macedoine) и Ла петит Салоник (La petite Salonique), во слава на многубројните македонски Евреи – Сефарди, кои своето место под сонцето го бараа во Градот на Светлината.

Големата и незаборавна приказна на претседателот Жак Ширак за Македонија е поврзана со годината 1991 и прогласувањето на независноста на Република Македонија, кога како градоначалник на Париз тој учествува во една од најгледаните емисии на француската телевизија Ла марш ду секл (La Marche du siecle) и ја изговори луцидната анализа за местото на Грција во Европската Унија. Тој изјави дека Грција како паразит со години ги злоупотребува фондовите на Европа и сака да дели лекции на Балканот кој да биде признаен, а кој не, низ призмата на националниот егоизам, кој нема никаква врска со европските вредности.
Во декември 1991 на насловна страница на тогашниот прв независен дневен весник во Република Македонија „Република“, кога се појави портретот на Жак Ширак, тој стана симбол на надежите на Македонците во Европа и насекаде во светот дека новите историски ветрови, по падот на Берлинскиот ѕид, ќе придонесат и за остварување на македонскиот сон во Пролетта на народите во Европа.

Уште еден настан, во времето на неговиот 18-годишен градоначалнички мандат во Париз, е забележан со „златни“ букви во срцата на многу Македонци.
Имено, некаде во 1992 година во Париз се одржува европски собир на сите спортски риболовни сојузи и македонската делегација на големото плато пред зградата на хотелот „Де виј“ (Hotel de Ville) – општинската зграда на градот Париз, го истакнува македонското знаме со уставното име Република Македонија.
Грчкиот риболовен сојуз и нивните претставници на самото дефиле се спротивставуваат на тоа, а Жак Ширак лично им се обраќа со зборовите: „Драги пријатели вие можете да правите што сакате во Атина, но овде е градот Париз, познат со векови како универзална татковина, овде ние одлучуваме и македонската делегација ќе си го задржи својот натпис Република Македонија“.

Првпат го запознав лично претседателот Жак Ширак пролетта 1993 година кога мојата драма „Р“ веќе играна со успех на повеќе европски и американски сцени требаше премиерно да биде изведена во Париз, во инаугуралната сезона на новиот театар што го носи името на култната француска актерка Силвиа Монфорт.
Градбата на познатиот француски архитект Клод Паран (Claude Parent) веќе беше финализирана и мојата пиеса се подготвуваше со голема трупа француски актери во режија на славниот француски режисер Жак Селер, кој работел заедно со Жан Вилар и со Жерар Филип. Со оглед на тоа што театарот беше под ингеренции на градот Париз, заедно со режисерот бевме повикани за да ни соопштат дека неколкуте стотици рекламни столба Морис низ целиот Париз, во текот на двомесечните изведби, ќе бидат со плакатот на нашата претстава.

Режисерот Селер во духот на Сартровата максима „пеколот тоа се другите“ го предложи насловот „Туѓата кожа“ (La peau des autres) за француската адаптација и така со честитките на градоначалникот Ширак бевме испратени со желби за успех на премиерата. За време на средбата тој изрази голема загриженост за крвавите судири на просторите на поранешна Југославија, покажа интерес за македонската политичка историја и не заборави да ми каже: „Македонската атентаторска традиција е позната во Европа од книгата на францускиот новинар Алберт Лондр, но сега верувам во мудроста на претседателот Киро Глигоров и сигурен сум дека Република Македонија еден ден ќе биде рамноправна членка на Европската Унија“.
Оттогаш следуваше една бурна хронологија на историјата и на нашите средби.
Пролетта 1995 година Жак Ширак беше избран за претседател на француската република и тоа беше општа радост за голем број сонувачи за балканска Европа по периодот на претходниот претседател Франсоа Митеран, кој никогаш не се ангажираше за излез од мрачната спирала на историскиот амбис создаден со распаѓањето на Југославија.

Неколку месеци по доаѓањето на Ширак на чело на француската република, во октомври 1995 претседателот Глигоров беше жртва на разорен атентат, кој и до денес не е расветлен, но неговиот француски колега испрати специјален авион со француски специјалисти, кои беа присутни на операциите и се грижеа за неговото здравје сите години потоа.
Претседателот Ширак беше иницијатор и заедно со претседателот Глигоров ја отвори досега најголемата културна манифестација во нашата нова историја: мај 1999 – Средновековните трезори на Република Македонија во музејот на средновековната уметност – „Клини“, каде што македонските икони, во три месеци, на самото поврзување на двата најголеми париски булевари Сен Мишел и Сен Жермен, ги видоа 183.000 посетители!
Ниеден друг европски и светски претседател не направил поголем чин во нашата нова историја!!!

Кон средината на јуни 2000 година, Владата на Република Македонија ме именува за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Франција. На свеченото предавање на акредитивите од тогашниот претседател Борис Трајковски се случи многу необичен чин. Вообичаеното кратко време за формалниот дипломатски чин се претвори во повторна средба на некогашниот градоначалник на Париз и драматургот од „Силвија Монфорт“ во која претседателот Ширак се интересираше за многу теми, кои од политичката поминаа во духовната сфера, и голем број прашања од книгата на Никола Бувие „Употребата на светот“ токму во Македонија ја пронајдоа својата дефиниција дека Македонија е доказ дека „Балканот е срцето на Европа“. За многу кратко време, во почетокот на март 2001 година, претседателот Трајковски беше поканет во официјална посета на Франција со поголем број соработници од економската, културната и научната сфера од кои позната е заедничката изјава на двајцата претседатели на перонот на Елисејската палата, во која, во соработка со неговата министерка за европски прашања Катрин Колона, беше формулирана бесмртна реченица, која произлегува од принципите на Француската револуција: „Македонија е една, единствена и неделива!“

Истата таа година Македонија влезе во драматични премрежиња, кои резултираа со Охридскиот рамковен договор, но будното око на претседателот Ширак кон европската интеграција на балканските земји не престана и во 2002 година кога со амбасадата ја организиравме свечената академија „100 години на излегувањето на првиот македонски франкофонски весник во Париз ’Македонско движење‘“. По тој повод беше организирана специјална програма во која на парискиот булевар Распај бр. 206 беше поставено мермерното обележје со текст што гласеше: „Овде пред 100 години излегуваше првиот весник на македонската франкофонска интелигенција кој го предвести рамноправниот влез на македонскиот народ во заедничката европска фамилија“. На свеченоста се обратија Бутрос Бутрос Гали, поранешен генерален секретар на ОН и актуелен генерален секретар на Интернационалната организација на франкофонијата и поранешниот министер за правда Роберт Бадинтер, кои низ цитирање дваесетина ревии на македонската интелигенција, објавувани во Женева, Лион, Лозана, Марсеј, крунисаа една долга национално-политичка одисеја на најобесправениот народ на Балканот. На самитот на франкофонијата во Бејрут во 2003 година, претседателот Ширак ја поздрави иницијативата на француската институција Документасион Франсез (Documentation Francaise) за објавувањето на книгата „Франкофонските хоризонти на Балканот“ во која беа застапени многу значајни имиња на македонската литература и култура како неприкосновено обележје на македонскиот идентитет. Во исто време со овациите во Генералното собрание на ОН, со говорот на Доминк де Вилпен, во Македонија беше објавена книгата на Вилпен „Здивот на Европа“, во издание на издавачката куќа „Слово“, во која заложбите на Ширак против војната во Ирак добија едно ехо на релацијата Европа – Балкан. Неговите заложби за еден мултиполарен свет беа споделени со прогресивната и визионерска интелигенција, за тоа дека планетата не може да биде управувана само од еден центар на моќ и дека дијалогот на цивилизациите може единствено да ја одреди иднината на светот. На последниот Самит на франкофонските земји 2004 година во главниот град на Бурукина Фасо, Уагадугу, претседателот Ширак, со големи симпатии го поздрави проектот на францускиот писател Денис Тилинак дека токму во Македонија треба да биде организирана меѓународна манифестација „Денови на меѓународната франкофонија“, која се одржа со десетина истакнати личности од областа на литературата, филмот и сликарството и кои ја пренесоа позицијата на Македонија како вистинска европска лабораторија на почитувањето на културните разлики. Религиозната толеранција и коегзистенција и универзализмот како принцип што може да биде гаранција на светската глобална слика на духовните и националните идентитети, чија филозофија беше применета и во Музејот на кејот Бранли во Париз, што го носи името на претседателот Ширак. Капиталната книга „Тиранија и мудрост“ од Александар Кожеф, кого го нарекуваа претседател на крајот на филозофијата, објавена во педесеттите години во париски „Галимар“ може денес да биде обележје на светската заедница на народите на глобалната сцена, за која илјадниците посетители на последното збогување со Жак Ширак ја овековечија неговата фигура во светскиот хуманистички Пантеон.

Заедно со мојата сопруга Лилјана, на францускиот претседател и на неговата сопруга Бернадет Ширак, на крајот на нашиот дипломатски мандат им ја подаривме книгата „Албер Кан и Македонија 1913“, чии изложби ги организиравме во истоимениот музеј во Париз и во Нормандија. Во неговиот одговор ги прочитавме неверојатно длабоките зборови на претседателот-универзалист, дека од „Планетарните архиви“ на Алберт Кан, секогаш во неговото срце ќе постои зборот Македонија!
Со чувство на доблест, почит и незаборав Македонија може да му се оддолжи на овој голем светски државник и редок и единствен почитувач на нејзиниот идентитет и историја со именување на една улица со неговото име во Скопје.

Автор: Јордан Плевнеш