Етиопскиот премиер Абиј Ахмед неодамна истакна дека неговата држава се соочува со непријател кој претставува „рак за Етиопија“. Тој ги спореди неговите непријатели од Народниот ослободителен фронт на Тиграј со коров, кој мора да биде искорнат на таков начин за да не израсне повторно, пишува Армина Хелиќ за „Политико“, споредувајќи го конфликтот во африканската држава со граѓанската војна во поранешна СФР Југославија.

– Пред 30 години во мојата родна држава Југославија, сличен дехуманизирачки јазик беше предзнак на етничкото чистење и геноцидот. Ниедни две држави или конфликти не се исти. Но паралелите со Југославија прават да се плашам за народот на Етиопија, за оние кои страдаат од насилство и за оние во чие име тоа се извршува – пишува Хелиќ која извршуваше функција во Горниот дом на британскиот парламент, а беше и специјална советничка на поранешниот шеф на британската дипломатија Вилијам Хејг.

Триесет години подоцна, ја гледам Етиопија, и се плашам дека историјата може да се повтори, наведува авторката.

– Војната во Југославија почна бавно, но планирано. Политичарите опфатени во национализмот за поттик на нивните кариери, ги прифатија војната и геноцидот за да ги „заштитат“ нивните народи, како врвно изразување на тој национализам – се вели во текстот.

Сега, во изминатите девет месеци се водат борби во регионот Тиграј во Етиопија. За тоа време слушнавме страшни известувања за масакри, пљачкосување и систематско сексуално насилство. Хуманитарната помош намерно се блокира и има знаци дека целно се нанесува глад како оружје против народот во Тиграј. Зборовите на Аби се предупредување дека конфликтот би можел да се влоши.

– Како што борбите во Југославија се раширија со опфаќање на различните народи кои ја сочинуваа државата, така има знаци и дека другите региони во Етиопија и нејзините соседи се вовлекуваат во конфликтот. Во 90-те години на минатиот век кога се разурнуваше Југославија, западните држави немаа волја да дејствуваат додека не стана предоцна. Во Етиопија денес гледаме знаци на истата неактивност – посочува Хелиќ.

Војната во Југославија почна со говори политички препирања и помали судири. Таа продолжи и се рашири, делумно поради меѓународната неактивност. Време е меѓународната заедница да се вмеша со порешителен дипломатски напор за да обезбеди мир во Етиопија. Никогаш не е предоцна да се научат лекции од историјата, заклучува авторката.