Европскиот блок го проширува својот геополитички опсег

Европската Унија (ЕУ), со посредство на Франција, го усвои буџетот вреден пет милијарди евра како дел од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), со кој на блокот ќе му се овозможи да испорача воена помош во партнерските држави, но и да финансира свои воени мисии во странски држави. Европскиот магазин „Еуроактив“ информира дека ЕУ сака со фондот да им помогне на партнерските земји, така што ќе ги поддржи нивните мировни операции и ќе го „зајакне капацитетот на нивните вооружени сили за чување на мирот и безбедноста на нивната територија“. Според договорот, Унијата ќе ги искористи парите за да финансира свои мисии и операции во рамките на нејзините политики за заедничка безбедност и одбрана (ЦСДП), како и да обезбеди инфраструктура и воена опрема со оружје и муниција по барање на трети земји, регионални или меѓународни организации. Португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, изрази поддршка за европскиот мировен фонд и смета дека ќе биде голема поддршка за партнерските земји во справувањето со заедничките безбедносни предизвици.

– Со усвојувањето на овој нов инструмент, ЕУ сака да „го прошири својот геополитички опсег преку придонесувањето во финансирањето воени операции за поддршка на мирот и мерки за помош на нејзините партнери во светот. Исто така, ова е прв механизам што ѝ дава простор на Унијата да испраќа воена опрема насекаде во светот – изјави европратеникот Дејвид Мекалистер, кој наедно претседава со комитетот за надворешни прашања во Европарламентот. Сепак, експертската јавност жестоко го критикуваше проектот, а некои невладини организации ги нагласија ризиците што испораката на оружје и опрема од страна на ЕУ може да заврши кај авторитарни влади што ќе ги користат за да го задушат внатрешниот револт.