Четири земји членки на ЕУ, кои беа погодени од природни катастрофи во 2017 година – Грција, Полска, Литванија и Бугарија, наскоро ќе добијат вкупно 34 милиони евра помош од фондот „Солидарност“ на ЕУ, откако Европарламентот и Советот на Унијата го одобрија предлогот на Европската комисија.

– Ветивме дека нема да ги заборавиме нашите земји членки. Ние ветивме дека ќе им помогнеме повторно да застанат на нозе. Сега правиме конкретни чекори за спроведување на тие ветувања. За неколку недели, помошта од ЕУ ќе стигне до овие земји и ќе помогне во покривањето на трошоците за отстранување на штетите предизвикани од природните катастрофи во Бугарија, Грција, Литванија и Полска, изјави еврокомесарот за регионална политика Корина Крецу.

Од формирањето на Фондот во 2002 година, по повеќе од 80 непогоди, вклучувајќи поплави, шумски пожари, земјотреси, бури и суши, 24 земји добија помош од Фондот во вкупен износ од над пет милијарди евра за итни и корективни активности.