Одлуката следува по повеќенеделни неуспешни преговори и предупредувања

Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ постигнаа согласност за испраќање нова воена мисија во Либија, чија цел ќе биде спроведување на ембаргото за оружје, воведено од Обединетите нации. Одлуката следува по повеќенеделни неуспешни преговори и предупредувања од шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, кој порача дека Унијата ризикува парализа во креирањето на надворешната политика, оставајќи ја судбината на Либија во рацете на Турција и на Русија, пренесува Еуроактив.

– Се согласивме да почнеме нова операција во Медитеранот, а операцијата „Софија“ ќе биде затворена. Оваа нова операција ќе има цел да го имплементира ембаргото за оружје воведено од Советот за безбедност на ОН – порача Борел.

Се очекува новата мисија да има воздушни, сателитски и поморски елементи, а не да биде чисто поморска мисија како „Софија“. Борел првично се надеваше на заживување на операцијата „Софија“, при што еден од компромисите да биде користење авиони, наместо бродови, за следење на шверцерите со оружје што ги снабдуваат двете ривалски влади во Либија.

Заменичката на претставникот на ОН за Либија, Стефанија Вилијамс, предупреди дека примирјето во земјата едвај се одржува и оти економската ситуација значително се влошува.
– Ембаргото за оружје стана вистинска шега – порача Вилијамс.