Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија дадоа согласност за воведување санкции против руските разузнавачи, Руслан Боширов и Александр Петров, кои се осомничен за труењето на двојниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка лани во март.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, одлуката се очекува да биде формално одобрена в понеделник на заседанието на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ.

Амбасадорите на ЕУ вчера, без дебата, дадоа согласност во име на нивните држави, за воведување рестриктивни мерки кон девет лица и еден ентитет поради употреба на хемиско оружје.

Меѓу овие девет лица се наоѓаат и Боширов и Петров, агенти на руската воено-разузнавачка служба ГРУ, кои Велика Британија ги сомничи за труењето на Скрипал и ќерка му на 4 март минатата година во британскиот град Солсбери.

Според дипломатите во Брисел, меѓу санкционираните се и петмина Сиријци, а ентитетот исто така е сириски.
Пред да стапат во сила, овие одлуки треба формално да бидат одобрени в понеделник на министерско ниво.