Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит Мишел Барние го предупреди денеска Лондон дека располага со 13 седмици за постигнување договор.

Според него, 80 отсто од текстовите дискутирани во нацрт-договорот се одобрени од страна на ЕУ и Велика Британија. Тој истакна дека на денешниот состанок на Советот на ЕУ, било повторно потврдено единството на земјите-членки на Унијата, јави БТА. Европската комисија претстави процена за неопходните активности во случај да не се постигне договор.

– Дебатата во Велика Британија не е завршена, како што може да се види. Ние сме отворени за какви било предлози кои ќе можат вистински да бидат имплементирани. Ние мора да бидеме подготвени за секаков развој на ситуацијата – предупреди Барние.

Тој истакна дека најконтроверзно прашање останува решението за пограничниот режим меѓу Ирска и Северна Ирска.

Предвидено е во октомври Европскиот совет да го оцени текот на разговорите и ако тие се успешни, да дозволи продолжување на разговорите за идните односи на Велика Британија со ЕУ, како и воведување на преоден рок пред суштинската разделба.

На барање на Лондон и со консензус, државите од ЕУ можат да го продолжат рокот за преговори, кој истекува наесен.