Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија (ЕУ) може да воведе правила за да ги спречи компаниите да ги злоупотребат податоците коишто ги собираат, потврди Европскиот комесар за заштита на конкуренцијата, Маргрет Вестагер.

-Ако сакаме да го дефинираме пазарот, да утврдиме што е прифатливо, а што не, тогаш она што ни треба не е поголемо спроведување на законот за конкуренција. Ни треба регулатива, рече Вестагер.

Таа додава дека може да им се потребни и посеопфатни правила за да бидат сигурни дека начинот на кој компаниите ги собираат и користат податоците не им штети на основните вредности на општеството.

Нејзините коментари сугерираат дека ЕУ може да воведе нови правила што специфично ги опфаќаат технолошките компании и нивната употреба на податоци. За време на нејзиниот мандат, американските компании Гугл и Калком беа казнети со вкупно околу десет милијарди евра, откако судот откри дека тие ги блокирале конкурентите.