Високата претставничка на Европска унија(ЕУ) за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини денеска изјави дека ЕУ се согласила да предводи меѓународна контакт група со земјите од Јужна Америка, која ќе се залага за нови избори со цел да се реши политичката криза во Венецуела.

Контакт групата ќе биде составена од претставници од Велика Британија, од Франција, од Германија, од Боливија и од Еквадор.

Могерини истакна дека ако контакт групата во рок од 90 дена не ја заврши работата и не придонесе за очекуваниот напредок тогаш се предвидени економски санкции за владата на претседателот Николас Мадуро.

– Таа тема наскоро би можела да се најде на состанок на министрите – изјави Могерини во Букурешт по состанокот со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

Кризата во Венецуела сè повеќе се продлабочува, Врховниот суд му забрани на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател, да ја напушта земјата, а тој повикува на нови протести.

Европскиот Парламент денеска го призна Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.