Европската комисија објави предлог-прописи кои би можеле да ги принудат технолошките гиганти да ги сменат своите бизнис практики. Станува збор за досега најагресивниот законски напор за ставање под контрола на компаниите од т.н. „голема четворка“, „Амазон“, „Епл“, „Гугл“ и „Фејсбук“, според експертите, објавува Си-ен-ен.

Големите социјални мрежи и компании што се занимаваат со електронска трговија сега се соочуваат со нови обврски за отстранување на незаконска и штетна содржина од нивните платформи, според предлог-законот на ЕУ наречен Акт за дигитални услуги. Според вториот предлог наречен Акт за дигиталните пазари компаниите би морале да се потчинат на низа прописи кои им налагаат што смеат, а што не смеат да прават, чија цел е спречувањето на појавата на нефер конкуренција. На пример, компаниите не би смееле да користат податоци добиени од бизнис-корисници кои би им овозможиле да се натпреваруваат со нив.

– Двата предлога имаат една цел – да осигурат дека корисниците ќе имаат пристап до широк избор на безбедни производи и услуги на Интернет. И дека бизнисите кои работат во Европа можат да се напреваруваат слободно на Интернет, исто како и надвор од него – истакна европската комесарка за заштита на пазарната конкурентност, Маргет Вестагер, која ја предводи иницијативата за технолошките прашања.

Технолошките компании кои нема да го спречат или отстранат ширењето на нелегална содржина ќе се соочат со казни до 10 отсто од нивната годишна продажба, според прописите кои беа преложени вчера. А повеќекратните прекршители би можеле да добијат и привремена забрана за нивните платформи.

Се очекува технолошките компании жестоко да се спротивстават против новите предлози. За спроведување на предложените законски промени можеби ќе бидат потребни неколку години, и тие допрва треба да поминат низ голема ревизија, но сепак, го зголемуваат притисокот врз технолошките гиганти. Вестагер додаде и дека САД, Австралија, Канада и Јапонија учествуваат во глобалните разговори за прописите.

Во САД, владата и сојузните држави покренаа тужби против „Гугл“ и „Фејсбук“ директно спротивставувајќи се на нивната доминација, барајќи од „Фејсбук“ да ги продаде Инстаграм и Вацап, а со тоа и да ја распарчи компанијата. Предлогот на ЕУ наиде на критики од Американската стопанска комора, која истакна дека е загрижена оти прописите целат кон американските компании, преку воведувањето на нови регулаторни барања.