Европската Унија бара да се најде начин да се „избегне воена интервенција“ во Венецуела, изјави денеска Маја Коцијанчич, портпаролката за надворешна политика на ЕУ.

– Категорично исклучуваме секаква поддршка од Европската Унија или прифаќање на воена ескалација во Венецуела. Предупредивме јасно дека нема да поддржиме и дека најстрого осудуваме секаква странска воена интервенција – истакна Коцијанчич.

ЕУ продолжува да инсистира на изнаоѓање „мирен и демократски“ начин за решавање на венецуелската криза, каде Николас Мадуро одбива да ја напушти претседателската функција, а опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се прогласи за легитимен шеф на државата и беше признат од голем дел од меѓународната заедница, пред сѐ западните земји.

САД не ја исклучија опцијата за воена интервенција, а состојбата на терен се влошува од ден на ден.