Европската комисија ќе го спроведе најамбициозниот закон за климатски промени во светот, за да го намали загадувањето за најмалку 55 отсто до 2030 година во однос на нивоата од 1990 година. Според предлозите за намалување на стакленичките гасови за 55 отсто, ЕУ планира да ги елиминира до средината на овој век. Емисиите од патниот транспорт мора да се намалат од 60 до 90 отсто до 2030 година, со тоа што автомобилските производители што нема да го исполнат овој услов ќе плаќаат високи пенали. Сите автомобили до 2035 година не смеат да емитуваат штетни гасови, а авиопревозниците ќе мора да плаќаат за секој тон јаглерод диоксид што го емитуваат.
Се планира да има повеќе станици за полнење на водородните камиони, а бројот на станици за полнење на електричните автомобили ќе се зголеми на еден милион до 2025 година и до три милиони до 2030 година. Сите авиони што ќе полетуваат од европските аеродроми ќе користат одржливи авионски горива, со тоа што барањето од два отсто за вакви горива до 2025 година ќе се зголемува постепено до 63 отсто до 2050 година. Планот за намалување на стакленичките гасови за 55 отсто ќе ги поттикне употребата и производството на одржливи алтернативни поморски горива. Поморскиот сообраќај вклучува 11 отсто од европските транспортни емисии, што е околу три-четири отсто од вкупните јаглеродни емисии во ЕУ. Дваесет и седумте членки на ЕУ ги намалија емисиите за 24 отсто меѓу 1990 и 2019 година, генерално поради ограничувањето на загадувањето според ЕТС.