Лидерите на Кина и на Германија, Си Џинпинг и Ангела Меркел, во Берлин

Европа сака да биде независен геополитички играч на светската сцена и да изгради поцврста стратегија кон Кина, но истовремено не сака да застане на страната на Вашингтон во студената војна против Пекинг

Пристигнувањето на азискиот век означи и крај на глобалниот систем предводен од Американците, додека ЕУ е принудена да избира меѓу двете суперсили, САД и Кина, вели шефот на европската дипломатија Јосеп Борел.
– Аналитичарите долго време зборуваа за крајот на системот предводен од Американците и доаѓањето на азискиот век. Тоа сега се случува пред нашите очи – изјави рече Борел пред група германски дипломати, додавајќи дека пандемијата на коронавирусот може да се смета како пресвртница и дека расте притисокот врз ЕУ да „избере страна“.
Според „Гардијан“, коментарите на Борел укажуваат дека ЕУ сака да заземе поагресивен став кон Пекинг, како независен геополитички играч на светската сцена. Борел вели дека ЕУ „треба да ги следи сопствените интереси и вредности и да избегне инструментализирање на едната или на другата страна“.

– Потребна ни е поцврста стратегија кон Кина, која исто така бара подобри односи со остатокот на демократска Азија – додава Борел.
ЕУ досега се колебаше да застане на страната на американскиот претседател Доналд Трамп, кој избра конфронтирачка позиција кон Кина. Но кинеските напади врз независноста на Хонгконг, подготвеноста на Пекинг да ги поддржи европските популисти и одбивањето да го отвори својот пазар, ја натераа Унијата да го промени ставот, велат аналитичарите. Борел призна дека ЕУ била „наивна“ во врска со намерите на Кина, но нагласи дека сега е потребна „поголема колективна дисциплина“ кон Кина. Политичарите во Франција и во Германија се сѐ погласни во критиките кон Кина, правејќи паралели меѓу руските и кинеските обиди за предизвикување поделби во ЕУ преку ширење дезинформации и нудење поддршка на десничарските популисти.

Сепак, не е познато дали овој „нов реализам“ ќе ја натера ЕУ да ги промени нејзините економски односи со Кина. Засега, новиот клучен збор во ЕУ е „диверзификација“. Борел изјави оти се изненадил кога дознал оти ЕУ речиси целосно се снабдува со парацетамол од Кина. Германскиот кабинет веќе одобри нови закони за спречување странски преземања на медицински компании. Француските власти најавија оти нема да дозволат „странски конкуренти да купуваат ранливи компании и технологии по ниска цена“.
Ендру Смол, аналитичар од Европски совет за надворешни односи, вели дека Пекинг до неодамна можеше да се скрие зад сомневањата на ЕУ за Русија.

– Пекинг имаше корист од контрастот што многу Европејци го правеа меѓу Кина и Русија. Така, Русија беше активно непријателска кон ЕУ, додека Кина само се обидуваше да го оспори европското единство за низа конкретни прашања што беа од нејзин интерес. Додека Русија создаваше хаос, Кина се оценуваше како поддржувач на статус квото во време на кризи – вели тој.
Конечно, Кина го помогна економското закрепнување на Европа по кризата во 2008 година, а и не застана отворено зад Русија за украинската криза или за поддршката за брегзит. Желбата на ЕУ да биде поцврста кон Кина остана неисполнета зашто ЕУ знаеше дека ако целосно ја отуѓи Кина ќе мора да биде главен сојузник со Трамп.

Промената се случи пролетта во 2019 година, кога фрустрирана од тешкиот пристап до кинескиот пазар и вознемирена од лидерството на Си Џинпинг, ЕУ ја означи Кина како „системски ривал што промовира алтернативни модели на управување“. Многу фактори ја предизвикаа промената – од неисполнувањето на ветувањата дадени со кинескиот проект „Појас и пат“, до обидот за поизбалансирана политика на Европа, главно предводен и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара Европејците повеќе да соработуваат со Русија. Сепак, нејасно е дали новата стратегија на ЕУ кон Кина ќе се преслика на национално ниво.

Истиот месец кога беше објавена, Италија стана првата земја на ЕУ што се приклучи кон „Појас и пат“. Многу европски земји му дадоа дозвола на кинескиот „Хуавеи“ да ги гради нивните 5Г-мрежи. Пекинг сакаше да го запре влошувањето на односите и ја прогласи 2020-та како година на кинеско-европските односи со два големи самити и повеќе церемонијални потпишувања договори. Кина продолжи да ѝ се додворува и на Источна Европа преку групата 17 + 1.

Според аналитичарот Филип Ле Коре, ковид-19 ќе ги промени европските сфаќања за Кина. За Борел „политиката на великодушност“ на Пекинг е „трик“, додека дипломатската служба на ЕУ ја обвини Кина дека води „глобална дезинформациска кампања за да ја ублажи вината за појавата на пандемијата и да го подобри својот меѓународен имиџ“. Однесувањето на Кина има влијание и врз јавното мислење. Анкетите покажуваат дека 71 отсто од Германците сметаат оти „поголема транспарентност од страна на Кина би ја ублажила корона-кризата“.

Во Франција, пак, само 12 отсто од испитаниците сметаат дека Кина е најдобро позиционирана за да одговори на предизвиците од наредната деценија.
Дилемата за европските лидери сега е како ЕУ да се позиционира кон Кина без да навлегува во студената војна на Трамп. Европски експерти велат дека ЕУ треба прво да анализира колкава е нејзината зависност од Кина и точно да ја процени кинеската стратегија. Кинески експерти велат дека е погрешно Кина да ја користи ЕУ како тампон-зона во судирот со САД зашто така само се изолира. Трамп веќе се обидува да го сврти Г7, а особено европските членки, на своја страна во судирот со Кина. ЕУ е под притисок да избере страна, но ако сака да биде геополитички играч ќе мора самостојно да изгради своја позиција.