Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, потврди дека Велика Британија по напуштањето на ЕУ ќе има ограничен пристап до европскиот навигациски систем „Галилео“.

Галилео, европскиот проект сателитски навигациски систем во чие создавање учествуваше Велика Британија, по напуштањето на ЕУ нема повеќе да им биде целосно и слободно достапен како на другите земји членки, што предизвика бурни расправи помеѓу двата преговарачки тима.

Во говор во Брисел, Барние порача дека имало „многу недоразбирања“ околу таа тема.

– Велика Британија одлучи унилатерално и самостојно да се повлече од ЕУ. Ова значи дека треба да се повлече и од нејзините програми. Соработката за Галилео помеѓу ЕУ и Британија треба да биде ставена на нова основа, изјави преговарачот.

За ЕУ е важно да ги заштите своите безбедносни интереси и информации од трети земји, а Велика Британија со напуштањето на европкиот клуб станува трета земја во очите на Европејците.

Во меѓувреме британската премиерка Тереза Меј побара дополнителен транзициски период за Брегзит до 2023-та година, откако веќе еднаш беше продолжен тој период, до 2020-та, иако Лондон треба да ја напушти ЕУ во март 2019-та.

Двете страни со месеци не постигнале никаков напредок во преговорите, особено за клучни теми како што се одбраната, безбедноста, правдата и размената на податоци.

ЕУ и Велика Британија треба да постигнат значителен напредок до следнит самит на шефови на држави и влади на ЕУ на крајот на јуни, но сѐ поизвесно е дека тоа нема да се случи бидејќи двете страни имаат дијаметрално спротиставени визии за Брегзит.

Од една страна, ЕУ смета дека Велика Британија ќе стане трета земја откако ќе ја напушти ЕУ. Таа нема да мора да ги почитува одлуките на европскиот суд ниту слободата на движење, столб на Унијата. Но, затоа, нема повеќе да биде дел ни од одлучувачкиот процес. Лондон, пак, смета дека има право на привилегиран однос со ЕУ. Најеклатантен пример за тоа е спорот околу учеството во Галилео програмата, во која земјите разменуваат чувствителни безбедносни податоци.

Конкретно Британците би сакале да имаат пристап до сателитските сигнали, што би им дало и можност истите да ги прекинат во итни ситуации. Брисел смета дека учеството на Британците во Галилео треба целосно да се анализира и да се постави нова правна рамка.

Ирското прашање исто така останува чувствително. Ниедна страна инволвирана не сака повторно воведување физичка граница помеѓу Република Ирска и Северна Ирска, а задолжително мора да се најде начин да се заштити европскиот пазар.