Европската комисија беше принудена да се откаже од претставување на планот за излегување од карантин по жестоките критики од владите на земјите на ЕУ. Европските влади порачаа оти плановите на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, ќе испратат опасен сигнал во момент кога од милиони граѓани се бара да останат дома за да се спасат животи, посочува магазинот „Политико“.

Повеќе земји, како Австрија, Чешка и Данска, веќе најавија планови за ублажување на некои ограничувања, додека земји како Шпанија и Италија, кои се најпогодени од пандемијата, јасно ставија до знаење дека строгите карантински мерки нема да бидат укинати во блиска иднина. Комисијата најави оти ќе го претстави планот по Велигден.
Во меѓувреме, маратонските преговори на европските министри за финансии за помош на јужните членки за справување со пандемијата не резултираа со договор.

Министрите биле блиску до договор, но преговорите пропаднале бидејќи Холандија и Италија не се согласиле за примената на фондовите, јави Би-би-си, додавајќи дека преговорите ќе продолжат денес. Европската централна банка посочи дека на блокот ќе му бидат потребни 1.500 милијарди евра за справување со економските ефекти од здравствената криза.