Европската агенција за лекови (ЕМА) со седиште во Амстердам даде зелено светло за уште една вакцина што ќе помогне во вакцинациската програма на Европската Унија (ЕУ). Фармацевтската куќа „Јансен“ на „Џонсон енд Џонсон“ во Белгија веќе ја произведува вакцината, а оттаму велат дека испораката во блокот ќе започне во втората половина на април со 200 милиони дози наменети за ЕУ, Норвешка и Исланд во 2021 година. Во февруари, американската Агенција за храна и лекови ги потврди податоците за ефикасноста и безбедноста на вакцината, како и дека таа спречува развивање на потешки симптоми, меѓу кои и оние како последица на мутацијата од Јужна Африка. По тестирањата извршени на три континенти, американското регулаторно тело соопшти дека вакцината на „Џонсон“ покажала успешност од 57 отсто во Јужна Африка, а 66 отсто во Бразил и 72 отсто во САД. Се очекува вакцината да ја зајакне и да ја забрза веќе бавната вакцинациска стратегија во Европа. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на Твитер порача дека „на пазарот доаѓаат побезбедни и поефикасни вакцини, а со оваа вакцина ќе се вакцинираат до 200 милиони лица во блокот оваа година“.