ЕУ нема информации дека Кина се инфилтрирала во Амбасадата на Малта во Брисел, изјави шефот за надворешна политика на Унијата, Јосеп Борел.
Француски „Монд“ минатата недела објави оти белгиските разузнавачки служби веруваат оти во Амбасадата на Малта во Брисел се инфилтрирани кинески шпиони. Малтешката влада го негираше извештајот.

Борел вели дека за случајот дознал од медиумите и дека затоа не може да го коментира, додавајќи дека ако Белгијците имале нешто да кажат, досега ќе го стореле тоа. Според францускиот весник, белгиското разузнавање се сомнева оти кинеските тајни служби веќе една деценија ја користат Амбасадата на Малта лоцирана спроти Европската комисија во Брисел, за да ги шпионираат европските институции. Според „Монд“, Британците алармирале дека кинеските тајни служби биле вклучени во реновирањето на зградата пред нејзиното отворање во 2007 година.

Релаксираната реакција на Борел може да биде ризична во момент кога ЕУ е обвинета дека меко реагира на Кина, оценува „Политико“. Сепак, останува нејасно дали ЕУ ќе отвори независна истрага. Холандски европратеник објави оти побарал реакција од Европската комисија и дека добил одговор оти прашањето е на агендата на извршното тело на ЕУ.
Малтешката влада тврди дека повеќето наводи изнесени во статијата на „Монд“ се „невистинити“. Според неа, реновирањето на објектот во 2007 година е извршено од малтешката влада, а Пекинг само донирал мебел „во согласност со безбедносните процедури“, кој во меѓувреме 80 отсто бил заменет.