Брисел нема да дозволи Москва и Пекинг да ја контролираат ситуацијата во Авганистан, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на вонредната седница на Комитетот за меѓународни односи на Европскиот парламент.

– Имавме состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ околу Авганистан и разменивме мислења за тоа како треба да се поставиме за прашањето за новата политичка реалност во Кабул. ЕУ не смее да дозволи Русија и Кина да ја преземат контролата врз ситуацијата во Авганистан и да станат спонзори на Кабул. Мораме да реагираме – рече Борел.

Претходно, тој изјави дека ЕУ ќе мора да соработува со талибанците за да обезбеди поддршка на авганистанскиот народ, дури и ако Унијата не ги признае како легитимни власти на Авганистан. Тој исто така рече дека ЕУ ги суспендира исплатите за развојна помош за Авганистан, сега кога земјата е под контрола на талибанците.