Европска комисија денеска најави дека планира да воведе реципрочни мерки како одговор на царините на САД, што се воведени поради субвенционирање на Ербас.

– Жалиме поради одлуката на САД да воведат царини. Таквиот чекор не ни остава поинаква можност освен да воведеме сопствени царини во случај на Боинг, каде САД ги кршат правилата на Светската трговска организација – изјави еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром.

Таа предупреди дека царините не се во долгорочен интерес на никого.

– Бидејќи е утврдено кршење на правилата на СТО од двете страни, предлогот на ЕУ е „за јасно дефинирани постоечки субвенции за авиоиндустријата и идната поддршка за тој важен сектор и понатаму е на маса – посочи Малмстром.

Вашингтон претходно соопшти дека стапија во сила царините за европските артикли во вредност од 7,5 милијарди американски долари. САД најавија воведување на царини на 2 октомври откако СТО пресуди дека ЕУ нелегално ја субвенционирала компанијата Ербас.