Европската унија одлучи да воведе нови санкции против власта во Венецуела како одговор на бројните неправилности констатирани на априлските претседателски избори, на кои победи Николас Мадуро.

Санкциите се воведуваат за 11 претставници на Венецуела, вклучително и за Делси Родригез, потпретседателка на Венецуела, како и еден министер и еден висок претставник на Националниот изборен совет, се прецизира во соопштението на Советот на ЕУ. Одлуката е донесена на денешната средба во Луксембург на министрите за надворешни работи на ЕУ. На санкционираните нема да им се издаваат визи за ЕУ, а нивните сметки, кои се во банки во Унијата, ќе бидат замрзнати.

Во јануари ЕУ воведе санкции за седуммина високи претставници на Венецуела, обвинети во сериозни прекршувања на човековите права за време на задушувањето на протестите организирани од опозицијата во периодот април-јули 2017 година, минатата година.

Членките на ЕУ денеска донесоа одлука за воведување санкции и за седуммина високи претставници на Мјанмар поради кризата со Рохинџите, јави ДПА. Санкциите вклучуваат замрзнување на средства и забрана за патување.

„Лицата опфатени со санкциите, заземаат позиции во армијата, граничните служби и полицијата. Тие учествувале или се поврзани со сериозни нарушувања на човековите права во однос на Рохинџите во државата Ракајн, во втората половина на 2017 година”, се вели во денешната изјава на Советот на ЕУ.

Во соопштението на министрите за надворешни работи на ЕУ се вели дека Унијата ќе продолжи да прави преглед на ситуацијата во земјата.