Европа покажа дека може да извезува стабилност. Го сторивме тоа со успешните проширувања на ЕУ, но мора повеќе да се направи. Мора да најдеме единство кога станува збор за Западен Балкан. Ако не го направиме тоа, нашето најблиско соседство ќе биде обликувано од други, нагласи Јункер во последното обраќање за состојбата во Унијата пред европските избори

ЕУ стори многу за да го зачува мирот во Европа, но треба да стори уште повеќе доколку сака да биде глобален играч. Ваква визија за ЕУ претстави вчера во Стразбур претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во својот последен годишен говор за состојбата во Унијата пред европските избори наредната година.
Според Јункер, ЕУ е чувар на мирот, а Европејците треба да ѝ бидат благодарни на Унијата што го зачувала мирот на Стариот Континент и затоа треба да покажат поголема почит кон неа наместо постојано да се валка нејзиното име.

– Треба да почнеме повеќе да го браниме нашиот заеднички живот. Треба да го прифатиме патриотизмот што се употребува за доброто и никогаш против другите. Треба да го отфрлиме екстремниот национализам што поттикнува омраза и уништува сѐ пред себе – порача Јункер.

Според него, Европа покажала дека може да „извезува стабилност“.

– Го сторивме тоа со успешните проширувања на ЕУ, но мора повеќе да се направи. Мора да најдеме единство кога станува збор за Западен Балкан. Ако не го направиме тоа, нашето најблиско соседство ќе биде обликувано од други. Погледнете наоколу. Тоа што се случува во Идлиб во Сирија мора директно да нѐ загрижува сите. Не смееме да молчиме во пресрет на хуманитарната катастрофа – изјави Јункер, алудирајќи на обвинувањата за мешање на Русија на Балканот и за нејзината интервенција во Сирија, каде што се очекува офанзива на сириската армија во провинцијата Идлиб, која е последното упориште на бунтовниците, според Западот, односно терористите, според Сирија и Русија.

За Јункер, токму конфликтот во Сирија покажал како постојано се оспорува меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна, од која голема корист имале и Европејците. Тој нагласи дека затоа Комисијата со години бара поголема соработка на полето на одбраната, што не значело милитаризација на ЕУ туку посилна Европа што ќе може подобро да ги штити своите граѓани.

– Геополитичката ситуација направи да дојде и европскиот час. Сега е време за европскиот суверенитет. Време е Европа да ја земе судбината во свои раце и да има поголема улога во обликувањето на глобалните прашања. Европа мора да стане посуверен актер во меѓународните односи. Европскиот суверенитет се изроди од националниот суверенитет на земјите-членки и не е негова замена. Европскиот суверенитет никогаш не смее да биде за сметка на другите. Европа е континент на отвореноста и на толеранцијата. Таа никогаш нема да биде тврдина – порача Јункер, додавајќи дека токму тие принципи и вредности треба да бидат водилки на европските избори во мај наредната година.

Според него, до изборите во мај Европа мора да покаже дека може да ги надмине поделбите меѓу Северот и Западот, Истокот и Југот, левицата и десницата.
– Европа е премала за да биде поделена. Мораме да покажеме дека можеме да го засадиме семето на посуверена Европа – порача Јункер.

Претседателот на Европската комисија смета дека токму обединета ЕУ може да одговори на кризите, како на пример кризата со мигрантите, за која Европејците мора да договорат заедничка стратегија. Комисијата предлага јакнење на надворешните граници на ЕУ со дополнителни 10.000 граничари до 2020 година и забрзување на процесот за враќање на нелегалните мигранти во родните земји.

– Сепак, земјите не најдоа вистинска рамнотежа со одговорноста што ја имаат на своја територија. Мораме да покажеме солидарност ако сакаме да ѝ се вратиме на шенген-зоната без внатрешни граници. Јас сум и ќе продолжам да бидам против внатрешните граници. Таму каде што повторно се поставени, мора да се тргнат – порача Јункер.
Во однос на надворешната политика, Јункер рече дека ЕУ мора да зборува во еден глас кога разговара со другите сили како САД или Кина или кога се осудуваат нечии лоши потези. Затоа, според него, Комисијата на ЕУ предлага наместо едногласно носење одлуки тие да се носат со квалификувано мнозинство за конкретни сфери во надворешната политика. Според Јункер, тоа треба да се однесува на прашања поврзани со човековите права, за цивилните мисии или за некои прашања од областа на даночните политики.

За брегзит, тој ѝ порача на Британија дека ја почитува одлуката за напуштање на ЕУ, но истовремено нагласи дека таа не може да бара привилегирана позиција како членка на Унијата и да ги избере само деловите што ѝ се допаѓаат.

Во однос на еврото, Јункер смета дека ЕУ треба повеќе да стори за да ја засили меѓународната улога на заедничката европска валута. Затоа, според него, Комисијата предлага мерки што би требало да ја намалат доминацијата на доларот на глобалните пазари, имајќи предвид дека еврото е втора најупотребувана валута во светот и дека над 60 држави ги врзуваат своите валути со еврото на еден или на друг начин.
Конечно, според Јункер, Европа мора да ги надмине поделбите и да стане активен глобален играч, кој ќе биде еден од главните архитекти во изградбата на новиот светски поредок.