Според пишувањата на медиумите на двете страни на Атлантикот, дипломатската посета на американскиот претседател Џо Бајден во Европа се доживува како патоказ за можно заживување на трансатлантските врски што беа нарушени за време на мандатот на неговиот претходник Доналд Трамп

Европа и релациите со земјите од континентот повторно се во фокусот на Америка, иако во изминатите неколку години случувањата на Стариот Континент од страна на Вашингтон се следеа оддалеку. Со овие зборови повеќето европски медиуми ја оценуваат првата посета на американскиот претседател Џо Бајден на Европа откако тој стапи на должност, во која, меѓу другото, главен план на неговото патување е и враќање на довербата на САД кон европските сојузници од времето пред пандемијата. Според европските магазини, турнејата на Бајден во исто време ќе претставува и тест за способноста на американскиот претседател да управува и да ги поправа односите со големите сојузници, кои изминативе неколку години, за време на владеењето на поранешниот претседател Доналд Трамп, беа нарушени поради трговските тарифи на САД кон ЕУ, како и од повлекувањето на Америка од повеќето меѓународни договори.

Германците најмалку му веруваат на Вашингтон

Сепак, додека тимот на Бајден вчера пристигнуваше во Британија, како дел од првата фаза од шестдневната европската турнеја, едно истражување на „Ројтерс“ посочува дека повеќето европските земји, иако изминатиот период говореа дека има заладување во трансатлантските релации, сепак гледаат на САД како вистински партнер. Имено, според истражувањето, размислувањето кај Германците дека САД се нивен искрен пријател и сојузник е најмало во Европа, само 51 отсто од испитаниците во Германија сметаат дека Вашингтон им е вистински стратегиски партнер. Слична е состојбата и со Франција, каде што, според истражувањето, само 60 отсто од Французите сметаат дека Америка им е вистински сојузник. Бројките на доверба сепак одат нагоре во другите европски земји и анкетата покажува дека, по Франција и Германија, на Вашингтон од државите од Стариот Континент најмногу му веруваат полските граѓани. Па, така, на врвот од анкетната листа, речиси 90 отсто од испитаниците од Полска со сигурност се убедени дека Соединетите Американски Држави се нивни вистински партнер и сојузник. Од друга страна, Турците најмалку се убедени дека имаат вистински сојузник во Вашингтон. Според истражувањето, само една четвртина од Турците им веруваат на САД. Во меѓувреме, пак, истата анкета на Ројтерс наведува дека Американците гледаат на Велика Британија како земја со најмногу доверба и почитување. Па, така, по Британија, 68 отсто од Американците изјавиле дека најмногу им веруваат на Германците и на Французите, 66 отсто на Италија и 63 отсто на Шпанија.

Дипломатијата, трговијата и климата главни теми за разговор

Во меѓувреме, според најавите за агендата на Бајден, тој од утре до недела ќе разговара со партнерите од Г7: Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. На состанокот, според пишувањата, се очекува да доминираат дипломатијата за вакцини, трговијата, климата и иницијативата за обнова на инфраструктурата во земјите во развој. Американските власти сметаат дека тој напор е начин да му се спротивстави на растечкото влијание на Кина. Во исто време, Бајден може да се соочи со притисок да направи повеќе за да ги сподели резервите на вакцини во САД со други земји, по првичната заложба од 20 милиони дози, објавена минатата недела.
– Ова е решавачкото прашања на нашето време. Дали демократските сојузи и институции, кои толку многу го обликуваа минатиот век, ќе покажат отпорност против модерните закани и противници? Верувам во тоа. Оваа седмица во Европа имаме шанса да го докажеме тоа – напиша Бајден во колумна објавена во „Вашингтон пост“.
Според Рајнхард Бутикофер, експерт за надворешна политика на зелените во Европскиот парламент, Бајден не гледа на Европејците како на противници, туку како на драгоцени партнери. Позитивни се и ЕУ-дипломати што работат на подготовката на серијата самити.
– Владее навистина добра атмосфера. Има волја за поголем ангажман и ситуацијата е многу поинаква отколку претходните години. Можам одговорно да го потврдам тоа, иако и онака повеќе не е тајна – вели за Дојче веле еден неименуван дипломат од Брисел.
Инаку, трговските спорови меѓу двете страни ескалираа за време на мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се пожали дека Европа се однесува многу лошо кон САД.
Актуелниот претседател Бајден ги обнови врските со сојузниците во голем дел уште на почетокот на неговиот мандат. Неговата посета на Европа, која започна со Велика Британија и вклучува состаноци со земји од НАТО и од Г7, е негово прво прекуокеанско патување како претседател.