Европската Унија, најголемиот трговски блок и најважен трговски партнер и на Пекинг и на Вашингтон, се наоѓа во екстремно непријатна позиција, во која од земјите што сакаат да коегзистираат и со Кина и со САД се бара да направат невозможен избор и да ја докажат нивната наклонетост кон една од двете страни

Растечките тензии помеѓу Кина и САД поради ескалирачката трговска војна и глобалната несигурност, ги принудуваат другите земји да избираат помеѓу двете економски суперсили. Европската Унија, најголемиот трговски блок и најважен трговски партнер и на Кина и на САД, се наоѓа во тешка позиција по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го зголеми притисокот врз Пекинг, чекор што вклучуваше потпишување на извршна наредба со која му забрани пристап на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ на американскиот пазар, наведува „Саут Чајна морнинг пост“.

– Европа сега се наоѓа во екстремно непријатна позиција, во која од земјите што сакаат да коегзистираат и со Кина и со САД се бара да направат невозможен избор и да ја докажат нивната наклонетост кон една од двете страни – оценува Гал Луфт, заменик-директор на вашингтонскиот Институт за анализа на глобалната безбедност.

Како што сѐ повеќе се разгорува националистичката реторика по пропаѓањето на трговските преговори помеѓу САД и Кина на почетокот од мај, претставници на двете земји се ангажирани во интензивни дипломатски посети, чија цел е обезбедување поддршка и зајакнување на сојузите низ Европа. Истовремено, ЕУ се наоѓа во деликатна ситуација на балансирање, бидејќи влошените односи на релацијата Пекинг – Вашингтон коинцидираат со зголемувањето на јазот помеѓу Унијата и САД околу прашањето за глобалната трговија. Европските врски со Пекинг се наоѓаат на крстопат, во период на зголемување на ривалството помеѓу двете страни. Во потег што претставува голема промена на политиката кон Кина, Европската комисија во март првпат ја означи азиската земја за „економски конкурент“ и „систематски ривал“.

Експертите оценуваат дека со разгорувањето на трговската војна, Европа, која веќе се најде во средината на американско-кинеското ривалство, ќе стане важно воено поле за геостратегиските политички планови на двете огромни земји.
– Во Европа е распространет ставот дека ЕУ во основа се согласува со содржината на американските критики кон Кина, но не се согласува со методите и начинот на конфронтација. ЕУ и нејзините членки се многу заинтересирани за стабилност на слободната и глобалната економија, а нарушувањата од која било страна се непожелни – истакнува Тамас Матура, професор и претседател на Централно и источноевропскиот центар за азиски студии.

Џон Симан, истражувач при францускиот Институт за меѓународни односи, наведува дека европските земји генерално споделуваат поголем дел од американските грижи за Кина. Меѓу овие грижи се и отвореноста на пазарот и реципроцитетот, фер конкуренцијата и огромната улога на кинеската држава и Комунистичката партија во економијата на Кина, безбедносните ризици за критичната инфраструктура, авторитарните политики, човековите права, политичкото влијание на Кина во странство и, особено, сѐ поголемата технолошка моќ на азиската земја.
Симан смета дека најновиот потег на Вашингтон против „Хуавеи“ е очигледна пресвртна точка во американскиот пристап кон Кина.

– Изгледа дека сѐ уште сме на почетокот на еден многу поконфронтациски пристап од страна на САД, во кој администрацијата на Трамп се обидува да ги искористи сите димензии на американската моќ – додава Симан.
Вашингтон повеќе месеци се обидуваше да формира меѓународна алијанса против „Хуавеи“, кој стана главен столб на обидот на Пекинг за проширување на своето глобално влијание врз трговијата и технологијата.

И додека Австралија и Јапонија презедоа сопствени чекори против „Хуавеи“, многу американски сојузници во Европа и натаму се неодлучни дали да ги усвојат забраните против кинеската компанија. Во текот на претстојните посети на Европа, се очекува Трамп и шефот на американската дипломатија Мајк Помпео дополнително да го зголемат притисокот врз на традиционалните сојузници на САД, да му се придружат на Вашингтон против Кина и особено против „Хуавеи“, укажувајќи на загриженоста дека производите на компанијата може да бидат искористени за шпионирање од Пекинг и нарушување на сојузничките комуникациски мрежи. Но лидерите на Франција, Германија, Британија и на Холандија засега ветија дека не го менуваат курсот и ќе се оддалечат од Вашингтон во неговите напори за задржување на забраната за опремата од „Хуавеи“. И покрај загриженоста за потенцијалните последици од користењето кинеска компанија за снабдување со витална дигитална инфраструктура, повеќе европски лидери инсистираат дека имаат поставено строги правила и безбедносни стандарди за снабдувачот. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон порачаа дека нема да ги блокираат „Хуавеи“ или која било друга компанија, бидејќи „Европејците се прагматични и реалистични“.

Данкан Фриман, експерт при Истражувачкиот центар за ЕУ и Кина од Брисел, оценува дека иако трговијата и технологијата се посебни прашања, актуелниот спор на Вашингтон со Пекинг за овие проблеми укажуваат на менување на балансот во билатералните односи.

– Неодамнешниот конфликт околу трговијата и технологијата се случува во поширокиот контекст на подемот на Кина и опаѓањето на САД, што се случуваат во изминате децении. Доминантната глобална позиција на Америка се заснова врз нејзината економска и технолошка моќ, кои ја одржуваат нејзината воена моќ, но стана јасно дека САД ги губат позициите во клучните области. Политиката на Трамп кон Пекинг нема да ја постигне нејзината очигледна цел за ребалансирање на релативниот пад на САД и подемот на Кина, па, така, можеме да очекуваме нови тензии додека продолжува тој процес. Клучен фактор ќе биде тоа како САД ќе го менаџираат својот долгорочен пад како глобална сила, и дали Кина ја менаџира својата сѐ поважна позиција во глобалниот систем за да избегне конфронтација со сегашната водечка светска сила – додава Фриман.

За ЕУ, според него, е тешко да усвои целосно независна позиција, бидејќи е зависна и од Кина и од САД за клучни области од нејзината безбедност и економија. Тој потсетува дека исто како и Јапонија и многу други американски сојузници, самата ЕУ е цел на трговските политики на Вашингтон, бидејќи администрацијата на Трамп ја смета Унијата исто толку лоша како и Кина во својата поддршка за протекционизмот.

– Иако политиките на администрацијата на Трамп ја зголемија загриженоста на Европа за безбедносните и економските односи со САД и ги доведоа во прашање трансатлантските односи, односите помеѓу Вашингтон и Брисел и натаму се централни во политиката на ЕУ. Поради тоа, малку е веројатно на краток рок да има промена на таквата политика. Дополнително, Кина немаше голем успех во својот обид за наоѓање заеднички јазик со ЕУ по изборот на Трамп во ноември 2016 година – оценува Фриман.
Матура смета дека Трамп и неговите највисоки функционери ќе направат голема грешка ако се оддалечат од своите европски сојузници, во период кога американскиот претседател сака да оствари голем успех во неговиот конфликт со Кина во пресрет на изборите за нов шеф на Белата куќа, кои ќе се одржат во 2020 година.

– Политиките на администрацијата на Трамп досега се многу измешани, бидејќи ѝ се спротивстави на Кина и истовремено го деградираше американското глобално лидерство. Но САД не можат успешно да ја задржат Кина без враќањето на глобалната доверба во нивното лидерство. Присилувањето на сите, вклучувајќи ги и сопствените сојузници, не е одржлив начин за зачувување на американската доминација во светот. Американските сојузници во Европа и во Азија на крајот може да бидат вовлечени во разбеснетата економска студена војна помеѓу Вашингтон и Пекинг – додава Матура.
Според него, во најоптимистичкото сценарио во случај на конфронтација помеѓу САД и Кина, Европа ќе се обиде да добие доволно време за да ги развие сопствените капацитети.

– Сепак, очекувам во реалноста ЕУ да игра улога на посредник помеѓу двете страни – заклучува Матура.