Во минатонеделната нацрт-листа на ЕУ на „безбедни земји“ се најдоа 54 нации, а сега само 14

Земјите на ЕУ сè уште се борат да го одобрат повторното отворање на границите и да го состават списокот на „безбедни земји“, чии граѓани од денеска, според најавеното, би можеле да патуваат во Унијата како резултат на олабавувањето на рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот

Во пресрет на најавената патна либерализација во Европа

Земјите-членки на ЕУ до последен момент сè уште се мачат околу подготовката и одобрувањето на списокот на „безбедни земји“, чии граѓани би можеле да патуваат низ границите во Европа како резултат на олабавувањето на рестриктивните мерки од пандемијата во Стариот Континент. Откако минатата недела Унијата објави нацрт-листа со 54 земји, за чии жители од први јули ќе бидат отворени границите на ЕУ, бриселскиот портал „Еурактив“ вчера утрината објави нова ажурирана нацрт-листа за која наведува дека била составена од членките на блокот во петокот. Но, оваа листа, добиена од неименувани дипломатски извори од ЕУ, е многу помала и содржи единствено 14 земји. Како и на претходната, така и на оваа земјите од Западен Балкан се во сивата зона, но сега на списокот се приклучија и Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, а единствено Србија и Црна Гора останаа во зелената, пишува реномираниот бриселски портал.

Челниците на ЕУ, како што наведува „Еурактив“, сѐ уште сметаат дека треба да им се забрани влез на граѓаните од САД, Бразил и од Русија да влегуваат на територијата на Европа, поради големиот број инфекции од ковид-19 во овие земји, кој сѐ уште е активен.
Дипломатски извори за „Еурактив“ истакнале дека имало несогласувања меѓу нациите околу критериумите за носењето на оваа одлука и некои велеле дека податоците за стапките на заразени со ковид-19 не се веродостојни. Тие бараат од Европскиот центар за превенција на болести да излезе со повеќе детали, додавајќи дека листите ќе се прегледуваат на секои две недели.
– Предложениот „безбеден“ список содржи единствено 14 земји меѓу кои се Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Црна Гора, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Србија, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај. Во исто време, клучно е на патниците од Кина да им биде одобрено да влезат во ЕУ доколку Пекинг го стори истото за Европејците – пишува „Еурактив“.

Бриселскиот медиум наведува дека кога биле објавени упатствата на ЕУ пред две недели, некои од службениците истакнале дека при нивното изработување ќе се земат предвид стапките на заразеност во засегнатите земји. Критериумите, како што наведува интернет-порталот, се засноваат на епидемиолошки податоци и во четвртокот на нацрт-листата се најдоа 54 нации, а сега само 14.
На истава проблематика РСЕ пишува кои се критериумите на Брисел за една земја да биде вметната во списокот. Според РСЕ, критериумите сè уште не се цврсто поставени, но има предлог со некои параметри. Најочигледен параметар е споредливоста или подобрата епидемиолошка состојба од просекот во ЕУ на 15 јуни 2020 година. Како што наведува медиумот, параметрите се мерат врз основа на стапката на инфекција, што значи дека треба да се наведат новите случаи во последните 14 дена на 100.000 жители.

– Земјата треба да има стабилен или опаѓачки тренд на нови инфекции, податоците мора да бидат сигурни и достапни и мора да има мерки за ограничување за време на патувањето. Згора на тоа, Брисел ги разгледува и аранжманите за патување што третата земја ги има за жителите на ЕУ, со други зборови, реципроцитет, како и какви информации има дадено една земја за тестирањето, надзорот, третманот и известувањето – пишува РСЕ.
Во меѓувреме, австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека не постои прв или втор бран на коронавирусот, но дека има само различни фази и дека тоа ќе биде случај сè додека не се појават вакцина или лек. Канцеларот посочи дека постои и кластер што е поврзан со Западен Балкан. Затоа, како што рече, неопходно да се спречи разгорувањето на настанатите жаришта и најави дека ќе бидат преземени мерки доколку е потребно.

– Верувам дека, сè додека нема вакцина или лек, ќе имаме различни фази – фази во кои бројот е подобар и оние што се потешки. Пред неколку дена, кога ја укинавме делумната обврска да се носат маски, реков дека маските не треба да се фрлаат, затоа што ќе ни требаат. Ќе имаме различни фази и ќе направиме чекор напред, а понекогаш и чекор наназад во борбата против ширењето на коронавирусот – објасни Курц во интервју за телевизијата Пулс 4.
Инаку, забележливо е тоа што во новиот список и мапата на ЕУ за „безбедни земји“ САД и Русија сè уште се обоени со црвена боја, додека Велика Британија е со сива бидејќи нејзините жители ќе бидат третирани како жители на ЕУ до завршувањето на периодот на транзиција.