ЕУ постигна согласност да го продолжи рокот за брегзит до 31 јануари 2020 година, на Твитер објави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Тој вели дека блокот ќе дозволи Велика Британија да замине пред крајниот рок, ако договорот биде одобрен од парламентот. Одлуката е донесена во моменти кога британските пратеници се подготвуваат да гласаат за предлозите на Борис Џонсон за предвремени општи избори на 12 декември.

Нацрт-текстот на договорот за 27-те амбасадори на ЕУ, исто така вклучува и обврска дека за Договорот за повлекување за излез на Велика Британија од ЕУ не може да се преговара во иднина.

Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ во четврток на 31 октомври, но премиерот Борис Џонсон мора да го прифати одложувањето според законот донесен минатиот месец од пратениците.