Амбасадори на 27 земји на ЕУ, денеска во Брисел, ја поместија одлуката за тоа на колку време ќе биде одложен новиот рок за брегзит, за идната недела. Преговарачот на ЕУ за брегзит, Мишел Барние ги оцени денешните разговори како „одлични“.

Амбасадорите начелно се согласија да го одобрат британското барање за уште едно одложување на брегзит, но допрва треба да одлучат колку долго.

– Работата ќе продолжи и во наредните денови – рече портпаролката на Европската комисија.

Според повеќе европски извори, ќе се одржи нова средба на амбасадорите во понеделник или вторник за финализирање на одлуката за времетраењето на новото одложување на брегзит. Британскиот парламент в понеделник се очекува да гласа за одржување предвремени избори, што беше предложено од страна на премиерот Борис Џонсон.

Еден европски амбасадор изјави дека вторник е неофицијалниот рок за одлуката, два дена пред закажаниот датум за напуштање на ЕУ, на 31 октомври. Во рамките на ЕУ, некои земји како што е Република Ирска се залагаат да се одложи брегзит за три месеци, до 31 јануари 2020 година. Сепак, други земји, како што е Франција, бараат повеќе информации за британските намери пред да се изјаснат за тоа барање.