Европската унија го поздрави долго-најавуваниот договор за формирање на Уставна комисија во Сирија.

– ЕУ постојано тврди дека за секое одржливо решение на конфликтот потребна е вистинска политичка транзиција како што е наведено во Резолуцијата на советот за безбедност при ОН 2254 во рамките на преговорите за Сирија во Женева предводени од ОН – изјави шефизата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го најави планот за формирање на ново тело кое ќе има задача да напише нов устав на Сирија по цело осум години војна кои ја урнисаа државата и го раселија населението. Според Гутереш, уставната комисија може и мора да биде почеток на политичкиот процес кој ќе стави крај на конфликтот.

– ЕУ со големо задоволство ја очекува средбата за инаугурација на комисијата во најкус можен рок, а исто така ќе го следи и понатамошниот развој во земјата. Ова е вистински чекор напред кој има голем потенцијал – се вели во соопштението на ЕУ.

Унијата ја истакна потребата за позитивен развој паралелно со работата на уставната комисија.

– Да повториме, ЕУ ќе биде подготвена да асистира во реконструкцијата во Сирија, откако ќе започне процесот за искрена и инклузивна транзиција, во рамките на УНХЦР 2254 и Женевскиот процес – се додава во соопштението.

Унијата додава дека таа има силна волја да ја поддржи Сирија во мировниот процес на било кој начин во соработка со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Гир Педерсен.