Лидерите на ЕУ се согласија повторно да ги продолжат економските санкции за Русија поради нејзината улога во источна Украина и Крим, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

– Одлука: ЕУ едногласно ги продолжува економските санкции против Русија со оглед на нула напредок во спроведувањето на Договорите од Минск – напиша Туск на Твитер.

Санкциите прво беа усвоени во јули 2014 година, во врска со руската анексија на украинскиот полуостров Крим и поддршката за сепаратистите во источниот дел на Украина.

ЕУ го поврза олеснувањето на санкциите со напредок во мировниот договор од Минск, кој повикува на безусловен прекин на огнот и двете страни да го повлечат тешкото оружје од фронтот во источна Украина, потсетува ДПА.

Санкциите се насочени кон руската финансиска, енергетска и одбранбена индустрија, и на банките им се оневозможува пристап до пазарите на ЕУ и се ограничува одреден увоз од ЕУ.

Тензиите меѓу Москва и Киев се разгореа откако руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица со екипажи во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, со образложениуе дека нелегално влегле во руски територијални води.