Растечкото влијание на Пекинг ги натера западните демократии поблиску да соработуваат. Во тој контекст ЕУ заедно со „Квад“, сојузот на индопацифички земји, од неодамна се заложи за подиректно стратегиско размислување што ќе се темели на интензивни економски и безбедносни соработки во периодот што следува

Растечкото влијание на Кина на Пацификот ги натера западните демократии поблиску да соработуваат. Покрај американското геостратегиско пренасочување на своите идни политики за тој регион, од неодамна и Европската Унија, по првиот лидерски самит на четиристраниот безбедносен дијалог познат како „Квад“, одржан неодамна, многу веројатно ќе заземе нова улога кон дефинирање на идната азиска геополитика. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува Европскиот совет за надворешни работи (ЕЦФР), кој пишува дека во време кога Франција, Германија и Холандија имаат донесено свои стратегии за Индопацификот, ЕУ и другите членки сега треба да вложат заеднички напори да работат на интеграција на „Квад“ во нивниот стратегиски пристап кон Индопацификот. Европската Унија се соочува со зголемен притисок да го покаже ветеното свртување кон Азија и да склучи нов трговско-безбедносен договор со земјите од регионот, со што ќе се потврди стратегиското политичко партнерство со Јапонија, но и со другите држави од Пацификот, пишува ЕЦФР.

Целите на „Квад“

Европскиот магазин посочува дека целите на „Квад“ првично биле насочени за да обезбеди хуманитарна поддршка за земјите погодени од цунами во Индиски Океан во 2004 година, тој беше обновен во 2017 година како неформален безбедносен формат со намера да се спротивстави на растечкото влијание на Кина, особено во поморскиот домен. Оттогаш, тој служи како темел за соработка меѓу земјите учеснички и додека „Квад“ останува примарно ориентиран кон безбедноста, во текот на последните четири години тој се осврна на голем број економски прашања, како што се поврзувањето и финансирањето на инфраструктурата меѓу ЕУ и Пацификот и сл.
– Најзначајниот последен исход од овој пакт со ЕУ беше најавата за нова иницијатива за вакцинирање, според која, ќе треба да се произведат до една милијарда вакцини против ковид-19 на „Џонсон и Џонсон“ во Индија, со американска и јапонска финансиска поддршка, но и европска и австралиска логистичка помош. Со ова се посочува дека фокусот на Брисел полека се врти кон истокот од Азија – пишува угледниот магазин.
Во исто време на истата тема американскиот портал „Нешнл интерест“ пишува дека Кина во минатото беше мошне против „Квад“ и сè уште смета дека неговиот формат ја нарушува регионалната стабилност. Според американскиот медиум, европските земји во минатото внимаваа да не ги нарушат односите со Кина во врска со вклученоста во регионални форуми што беа од помала важност за европскиот економски и стратегиски интерес. Сепак, Кина еволуира за да стане најголем билатерален партнер во европската трговија со стоки. Но откако таа стана понаметлива во однос на Европа во екот на пандемијата на ковид-19, ЕУ и нејзините членки во моментов значително ги преиспитуваат односите со неа. Ова се должи на неодамнешните нови санкции наметнати врз Пекинг, како и со сè поголемата свесност во Европа за потребата од економска разновидност, особено во однос на синџирите на снабдување.

Европа ги здружува силите

Во меѓувреме за Европа да го постигне тоа, западните медиуми оценуваат дека таа најпрво треба да ги направи безбедносните прашања како централни. Заедничката поморска воена вежба на Франција со членовите на „Квад“ во Бенгалскиот Залив минатата недела покажува како можат да напредуваат Европејците, пишува „Политико“. Според магазинот, ако Европејците сакаат да го зголемат влијанието на нивните воени ресурси во Индопацификот, тие треба да го сторат тоа постратегиски. Во однос на поморските распоредувања, според магазинот, тие би можеле да постават цел за заедничка соработка за во секое време да има европско присуство во Индиски Океан. За таа цел, како што наведува весникот, земјите како Шпанија, Португалија, Германија и Холандија би можеле да ги здружат своите поморски ресурси со оние на Франција, која веќе е присутна во Индопацифичкиот Регион.
Сево ова не само што ќе испрати јасна порака до индопацифичките партнери дека Европа е подготвена да придонесе кон регионалната стабилност како давател на поморска безбедност туку и ќе послужи и како стратегиска порака до Пекинг.
Дополнително ЕУ-блокот треба што поскоро и поотворено да се вклучи во соработката со „Квад“ за да се придонесе за нејзината заедничка иницијатива за вакцинациска дипломатија. Со таквиот чекор, според западните медиуми, ЕУ ќе ги зајакне итните светски напори за заштита на јавното здравје од страна на земјите со заеднички демократски вредности и принципи и истовремено ваквата соработка би дејствувала како ефективна противтежа на актуелната руска и кинеска вакцинациска дипломатија во светот.