Претседателката на Етиопија, Шале вокр Завде (лево), и Урсула фон дер Лејен

Додека Европската Унија се чествува изневерено од Велика Британија и истовремено загрозена од Русија и од Кина, новата геополитичка европска комисија, преку воспоставување тесни економски односни, но и подобри безбедносни релации во однос на миграцијата со африканските земји, согледува ново пријателство во својот јужен сосед Африка.

Ова меѓу другото го наведува угледниот магазин „Политико“ во својата последна анализа, која се осврнува на сѐ позачестените посети на високите европски челници со лидерите на африканските земји. Како што пишува магазинот, во изминатиот временски период од четири години во кој ЕУ имаше внатрешна амбивалентност кон односите со земјите од африканскиот континент, деновиве тоа се претвора во сосема поинаква слика, каде што главниот фокус на надворешната политика на Брисел сега повторно се насочува кон Африка.

Најновиот обид за воспоставување на блиското партнерство меѓу ЕУ и Африка дојде пред две недели, откако некаде на крајот од февруари европска делегација од вкупно 20 комесари на чело со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, отпатува во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, за заедничка средба со нивните ко леги од Африканската унија токму во нејзиното седиште.

– Интересот за Африка на ЕУ не е целосно нов. Промената во односите на надворешната политика на Брисел кон Африка почна уште кај Жан Клод Јункер, претходникот на сегашната претседателка на ЕК, Фон дер Лејен.

Поранешниот комесар Јункер во својот говор за време на посетата на африканските земји уште во 2018 година повика на „нов сојуз“ и создавање 10 милиони работни места за пет години. Сепак, зголемената мултилатерална цел на ЕУ, која периодов е под закана од новите политички предизвици од климатските промени, не го одвлекува фокусот на Брисел кон својот јужен гигантски сосед Африка – пишува „Политико“.
Токму за таа цел неколку комесари на ЕУ минатиот месец неколкупати го посетија африканскиот континент, меѓу кои вреди да се издвојат посетите на комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ и на комесарот за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен, кои во февруари беа во посета на Буркина Фасо токму за да го објават првичниот пакет помош од 11,45 милиони евра за земјата. Веднаш по нив, на средината од минатиот месец, во Судан отпатува и шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосип Борел.

Во меѓувреме, и Италија и Шпанија сакаат Брисел да работи со африканските земји на повеќе договори со кои би се дозволило враќање на лица чии барања за азил се одбиени во ЕУ и земјите од Западна Европа.

Интересно е што во исто време дипломатите од ЕУ стравуваат дека Русија и Кина поддршката што ја имаат кај многу африкански земји, заедно со добрите релации што ги имаат со Африка, ќе придонесе тие да добијат поголем збор во однос на воспоставувањето на нормите и правилата за интернет во Африка. Друг фактор од кој стравува ЕУ е и фактот што Русија ги зголемува своите напори во агресивно градење воени бази и воспоставување безбедносни врски со африканските земји, како Централноафриканската Република, но и од неодамна со Либија.

Сепак, како што наведува „Политико“, клучни и мотивациски причини за поблиски врски на ЕУ со африканските земји, покрај економските, се и проблемите со миграцијата и безбедноста. Тука Италија и Шпанија го притискаат Брисел да работи повеќе со африканските земји на воспоставување тесни врски преку кои би се контролирале и разменувале информации за евентуално пристигнување нови мигранти во Европа.

Со тоа Брисел се надева дека преку одржување почести блиски врски со државите од Африка, но и преку најавите за инвестициски капитал на континентот, од една страна, Африка ќе привлече поголемо светско внимание од големите сили во насока за нејзина помош и развој, а од друга страна ЕУ ќе биде повлијателна преку политичкиот капитал, кој подоцна Африка не би можела да го игнорира, како и потребите на Унијата кон неа.