Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини порача дека израелскиот премиер не докажал дека Иран го крши договорот за нуклеарната програма од 2015 година

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини порача дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не докажал дека Иран го крши договорот за нуклеарната програма од 2015 година. Нетанјаху претходно на голема прес-конференција изјави дека неговата влада има „половина тон“ тајни ирански документи што покажуваат дека Техеран имал програма за нуклеарно вооружување. Од друга страна, пак, Техеран ги отфрли таквите тврдења како стари, обвинувајќи го израелскиот премиер дека е лажго, пренесуваат светските медиуми.

– Тоа што го видов од првите извештаи е дека премиерот Нетанјаху не го доведе во прашање однесувањето на Иран кон договорот – изјави Могерини.
Могерини истакна дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) мора да процени дали Иран се придржува до договорот.
– МААЕ е единствена непристрасна, меѓународна организација задолжена за надгледување на нуклеарните обврски на Иран – додаде високата комесарка за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Израелскиот премиер Нетанјаху претходно изјави дека Израел открил десетици илјади документи со „инкриминирачки“ информации за иранската нуклеарна програма. Тој порача дека по потпишувањето на иранскиот нуклеарен договор со светските сили во 2015 година, Техеран ги скрил документите што содржеле информации за нуклеарна програма со која се развивал еквивалент на „пет бомби како онаа од Хирошима, што можат да бидат поставени на балистички ракети“.

– Иран на највисоко ниво планираше да продолжи со изградба на нуклеарно оружје – посочи Нетанјаху, истакнувајќи дека информациите се потврдени од страна на САД.
Шефот на израелската влада исто така додаде дека разговарал со лидерите на Франција и на Германија и порача дека Израел ќе испрати експерти за да сподели со тие држави разузнавачки податоци за наводни нуклеарни амбиции на Иран. Според него, откриени се 55.000 документи и 183 цедеа со информации од иранските нуклеарни архиви.

Од кабинетот на Нетанјаху соопштија дека во следните денови ќе се испратат експертски тимови, кои ќе споделат информации со Германија и со Франција за материјал што разузнавачките служби го добиле за напорите на Иран „за снабдување со нуклеарно оружје“. За документите Нетанјаху наводно разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин.
Со реакција се јави и американскиот претседател Доналд Трамп, кој неколкупати се закани дека САД ќе се повлечат од иранскиот нуклеарен договор. Трамп смета дека договорот со Техеран е лош.
– Претставувањето документи за кои израелските власти тврдат дека докажуваат дека Иран имал нуклеарни амбиции, покажуваат дека бев 100 отсто во право кога станува збор за Иран – порача Трамп.
Тој го пофали претставувањето на документите од страна на израелскиот премиер.
– Однесувањето на Иран е едноставно неприфатлива ситуација. Иран не седи со скрстени раце – додаде шефот на Белата куќа.
Од друга страна, пак, официјален Техеран ги отфрли обвинувањата на Израел. Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави дека обвинувањата на Нетанјаху за нуклеарни амбиции на Техеран се „стари обвинувања“ со кои во минатото се занимавала МААЕ.

– Претседателот на САД реагира на изнесување стари тврдења со кои веќе се занимаваше МААЕ, за да го поништи договорот – наведе Зариф на Твитер.
Шефот на иранската дипломатија додаде дека тие податоци се објавени пред 12 мај кога Трамп би требало да донесе одлука за тоа дали ќе се повлече од нуклеарниот договор со Иран.
Иранската државна новинска агенција ИРНА наведе дека Нетанјаху „е познат по смешни претстави“ додека полуофицијалната агенција „Фарс“ го оквалификува говорот на премиерот на Израел како „пропагандно шоу“.


Израелскиот премиер сега може сам да објави војна

Израелскиот парламент даде овластување премиерот да објави војна или голема воена операција со консултација само со министерот за одбрана, без потреба од гласање на кабинетот во полн состав како што беше претходно. Израелските медиуми оценуваат дека потегот е изненадувачки и значи потенцијално далекосежна победа за премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Според новиот закон, во екстремни околности премиерот и министерот за одбрана може да одобрат воени операции и за таа одлука нема да им биде потребно гласање од министрите во Владата.