Главниот град на Естонија, Талин, е еден од ретките европски градови кој може да се пофали со петгодишен бесплатен превоз за сите граѓани, пишува порталот Попап.

Одлуката за бесплатниот јавен превоз ја донесоа граѓаните на Талин на референдум што се одржа пред пет години, а Алан Алакула, шеф на канцеларијата на ЕУ во Талин, вели дека за сите долгорочни планови граѓаните мораат да имаат право на глас.

По пет години бесплатен превоз, Алакула вели дека Талин нема загуби.

– Нема сомневање дека не само што ги покриваме трошоците, туку имаме и вишок. Заработивме двојно повеќе отколку што изгубивме со воведувањето на бесплатниот превоз. Среќни сме што голем број луѓе одлучија да се регистрираат како жители на Талин за да го искористат бесплатниот јавен превоз – вели Алакула.

За да уживаат во бесплатниот превоз, сите мора да бидат регистрирани како жители на Талин, што значи дека градот добива по 1.000 евра данок годишно од секој жител. Тие единствено мора да платат по 2 евра за „зелена карта“ и потоа сите патувања им се бесплатни.

Откако оваа шема беше лансирана, дополнителни 25.000 луѓе се пријавија за жителство во градот што претходно броеше 416.000 жители. Токму тука се крие тајната, колку повеќе пари за Талин, помалку за градовите од каде доаѓаат новите жители.

Алакула додава дека при планирањето на бесплатниот јавен превоз најмногу се сметало на граѓаните со послаба имотна состојба.

– Сметавме дека оваа погодност ќе ја користат граѓаните со ниски и средни приходи. Но, ја користат и граѓаните со натпросечни приходи, бидејќи јавниот превоз им овозможува поголема мобилност низ градот. Според нашите анкети, тие почесто излегуваат во ресторани, кина, театри… Со тоа ја поттикнавме и трговијата и угостителството, па полза имаат и локалните компании. Градот оживеа – додава Алан Алакула.

Тој додава дека главниот град на Естонија пред воведувањето на бесплатниот јавен превоз бил задушен од автомобили, а воздухот сега е многу почист. Со воведувањето на бесплатниот превоз пораснаа и цените на паркирањето, но Алакула вели дека никој не се жали бидејќи постои бесплатна алтернатива.

Оние што во Талин доаѓаат со автомобили од другите градови и ја користат услугата на бесплатниот јавен превоз, а на периферијата на градот ги паркираат автомобилите, не мораат ниту да платат паркинг.

Примерот на главниот град на Естонија ќе го следат и останатите. Владата веќе оваа година планира да воведе бесплатен јавен превоз во сите градови на Естонија, со што би станала првата таква земја во светот.

Бесплатниот јавен превоз е предмет на расправа или веќе постои во некои градови во Полска, Германија и Франција.

– Во моментов Париз разгледува воведување на бесплатен јавен превоз, со цел да го намали загадувањето во центарот на градот. Кога таков град ќе донесе одлука за бесплатен јавен превоз, сигурно ќе го следат и останатите – заклучува Алан Алакула, шеф на канцеларијата на ЕУ во Талин.