Ерменското Министерство за одбрана објави дека турски борбен авион Ф-16 соборил ерменски борбен авион СУ-25. Авионот, според руските медиуми, се урнал во ерменскиот воздушен простор.

Информацијата ја објави порталот „Русија денес“, кој е под силно влијание на официјален Кремљ.

Судирите меѓу Ерменија и Азербејџан траат со денови. Русија, предводена од претседателот Владимир Путин, ја поддржува Ерменија, а Турција, предводена од Реџеп Таип Ердоган, го поддржува Азербејџан.

Според Би-би-си, турските власти засега немаат коментар за веста за уривањето на авионот.

Доколку се точни информациите за турското уривање на ерменскиот Ф-16, тоа значи дека Турција е отворено вклучена во воениот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион Нагорно-Карабах, што драматично би го дестабилизирало регионот.

Нагорно-Карабах е отцепена област која се наоѓа во рамките на Азербејџан, но е управувана од етнички Ерменци и е поддржана од Ерменија. Се одвои од Азербејџан во војната во 90-тите години, но не е меѓународно признат.

Самопрогласената држава објави дека 84 нејзини војници биле убиени од неделата и дека имало цивилни жртви.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев рече дека десет цивили се убиени во ерменските гранатирања од неделата. Нема официјални информации за жртвите меѓу азербејџанските воени сили.

Борбите започнаа пред три дена и сега се прелеваат надвор од Нагорно-Карабах.