Ерменија итно реагираше до Европскиот суд за човекови права од кого побара привремени мерки против Азербејџан, каде што траат борбите во регионот Нагорно-Карабах, наведува судот. Портпарол на Судот изјави дека тие денес добиле барање од Ерменија да преземат привремени мерки и дека барањето се разгледува.

Судот, кој е правно крило на Советот на Европа со седиште во Стразбур, е повикан да постапи според членот 39 од неговите регулативи, што му овозможува да преземе итни мерки кога постои непосреден ризик од непоправлива штета.

– Ерменската влада бара од Судот да ѝ наложи на азербејџанската Влада да престане со воени напади врз цивили по целата линија на контакт меѓу ерменските вооружени сили и Нагорно-Карабах, да ги запре слепите напади и да престане да ги таргетира цивилите, цивилниот имот и населените места – соопшти судот.

Најмалку 68 лица се убиени од вчера во борбите меѓу сепаратистите во Нагорно-Карабах. Поради конфликтот, се стравува дека ќе започне отворена војна меѓу Баку и Ереван.